Измените и дополнувањата на Законот за здравствено осигурување поддржани од матичната комисија


Олеснување на постапката за остварување на правото на ортопедско помагало, формирање една стручна комисија наместо постоечките 14 стручни комисии, која ќе ја утврдува листата на лекови, можност за користење на општо прифатениот електронски потпис поради истекот на важноста на електронската здравствена картичка…

Ова меѓу другото го предвидува Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување во прво читање, кој собраниската Комисија за здравство на седница констатираше дека е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Измените и дополнувањата ги образложи заменик-министерот за здравство Асим Муса, кој рече дека се воведува нова категорија осигурени лица – деца со пречки во развојот и со специфични потреби за кои се користи право на посебен додаток и кои во дадени ситуации немаат основ за осигурување, како и бришење на условот од шестмесечно континуирано плаќање придонес за здравствено осигурување за остварување на правото на ортопедско помагало.

Посочи дека осигурениците ќе може да остварат право на ортопедско помагало изработено од посовремен и поквалитетен надстандарден материјал, а ФЗОМ ќе го покрива делот кој е во износот до референтната цена која ја плаќа и за стандардните ортопедски помагала.

– Со новопредложената одредба која се однесува на ослободување од партиципација на одделни категории лица се прецизира кои лица се ослободувааат и кој за нив ќе ги надомести трошоците на име партиципација, рече Муса и додаде дека со предложените измени на законот во делот на меѓународно признатите серификати за активно познавање на англискиот казик од страна на директорот на Фондот се додава сертификатот АПТИС, а се брише потребата од положен психолошки тест и тест за интегритет.

Заменик-претседателот на Комисијата, Јагода Шахпаска од СДСМ истакна дека одлуката за тоа кои лекови ќе бидат ставени на позитивната листа на товар на ФЗОМ досега ја носеа 14 комисии составена од по 17 членови, а издатоците биле големи. Со новото законско решение, појасни таа, се прави сериозна заштеда и се предлага една комисија кога ќе ја сочинуваат девет членови и тоа тројца доктори специјалисти, по двајца претставници од ФЗОМ и Министерството за здравство, еден клинички фармаколог и еден фармацевт.

Таа рече дека се дефинираат критериумите под кои може да се стане член на некоја комисија што ќе одлучува за позитивната листа на лекови. – Имено, се бара стаж од минимум 10 години за докторите специјалисти, за фармацевтот и клиничкиот фармаколог. Тоа претставува сериозен критериум, затоа што навистина намерата е компетентни и стручни лица да одлучуваат за она што претставува суштинска потреба на граѓаните, рече Шахпаска.

Појасни дека досегашното законско решение било во насока на тоа дека член на комисија може да се биде само една година без можност за реизбор, а сега се предлага еден мандат во траење од една година со можност за реизбор за уште една година. Паричниот надомест на членовите на комисијата наместо да се одредува врз основа на одржани седници, потенцира, сега тој ќе изнесува по член 50 проценти од просечниот личен доход во Република Македонија, меѓутоа само во месеците кога се одржуваат седници на комисијата која одлучува за позитивната листа на лекови.

– Има измени и дополнувања во однос на периодот и наместо за 15 дена сега стручните колегиуми на клиниките ќе можат за 30 дена да се изјаснат за потребата некој лек да биде ставен во листата на лекови, а ако и во тој период не се изјаснат тогаш комисијата во Министерството за здравство ќе одлучува дали некој лек ќе биде ставен на позитивната листа, рече Шахпаска.

Посочи дека досегашната електронска здравствена картичка ги имаше само личните податоци за пациентот и дали платил придонеси и додаде дека размислувањето за обезбедување нова електронска картичка која ќе ги содржи сите податоци, крвна група, болести, терапии, алергии, лекување, оперативни зафати, ортопедски помагала… е причината заради која се уште не се подготвува нов тендер за нејзина изработка.

Според претседателот на Комисијата, Мирсада Емини Асани, измените и олеснувањето на постапката за остварување на правото на ортопедско помагало се многу значајни.

Ванковер Манчев од ВМРО-ДПМНЕ го поздрави намалувањето на бројот на стручните комисии кои ја утврдуваат листата на лекови, но според него, намалување на критериумите за директот на Фондот и отстранувањето на психолошкиот тест и тестот за јазици со понизок ранг остава сомнеж.

– Она што не е опфатено од здравствени услуги се незадожителни вакцини. Во програмата на Владата во 2019 година пишува дека вакцините против стрептокока и рота вирус ќе бидат внесени во календарот, но уште не е така, рече Манчев.

Заменик-министерот Муса рече дека нема информации во моментов до каде е воведувањето на вакцините, а Катерина Кузмановска од СДСМ истакна дека во тек е постапка за воведување на антистрептококната вакцина и вакцина против рота вирусот.

– Во однос на здравството се направија многу значителни чекори. Со зголемување на дежурствата знаеме колку се зголемија платите на лекарите. Од септември се зголемуваат за пет отсто, до крајот на годинава очекуваме ново зголемување, решени се проблемите на приватните специјализанти. Се надевам дека до крајот на мандатот ќе се исполни тоа што им беше ветено на лекарите, додаде Кузмановска. (МИА)