Изгаснат пожарот во ноќниот клуб „Станица 26“


Пожарот што попладнево избувна во скопскиот ноќен клуб „Станица 26“ на улицата „Јордан Мијалков“ е целосно изгаснат, велат од Министерството за внатрешни работи.

„Во 15 часот избувнал пожар на ул. ‘Јордан Мијалков’ бр.26 во угостителскиот објект ‘Станица 26’. Пожарот избувнал во внатрешноста на објектот. Пожарот целосно е изгаснат во 15.50 ч. Известени се ОКД и ЕУМНА“, велат од МВР.

Од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје велат дека во гаснењето на пожарот биле ангажирани десет пожарникари и четири противпожарни возила, по телефонска дојава.

Опожарена е салата и дел од фоајето на ноќниот клуб „Станица 26“ на улицата „Јордан Мијалков“ во Скопје.

Командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Звонко Томески, изјави дека пожарот избувнал попладнево, а интервенцијата е завршена.

– Во гаснењето на пожарот интервенираа десет пожарникари со четири противпожарни возила, по телефонска дојава на 193 – изјави Томески.

Засега не се познати причините за пожарот.