Изборот за директор на МКЦ ставен во мирување


Изборот за директор на Младинскиот културен центар во Скопје е ставен во мирување на барање на Антикорупциската комисија согласно законските просписи поради распишувањето на претседателските избори.

Сите апликации кои се пристигнати и кои од апликантите ги исполнуваат условите за директор на оваа институција ќе се разгледуваат после одржувањето на изборите за претседател на државата кои се закажани на 21 април.
Според Законот за локална самоуправа, градоначалникот на Град Скопје ги именува директорите на јавните институции кои се под нивна надлежност, меѓу кои и МКЦ. Иако, конкурсот беше распишан сега целата процедура се замрзнува.
– Целата постапка и апликации се доставуваат до МКЦ и за повеќе информации во врска со текот на јавниот повик обратете се таму. Во однос на самата одлука, во моментов активностите за избор на директор се ставени во мирување поради распишаните Претседателски избори – ни одговорија од Град Скопје.
Од МКЦ велат дека на барање на Антикорупциската комисија изборот за директор е во мирување, а со тоа во моментов не смеат ниту да ги разгледуваат апликациите.
Апликациите се доставуваат до Управниот одбор на МКЦ, а по формирањето на комисија која ќе проверува кој од нив ги исполнува условите пропишани во конкурсот, тие се испраќаат до Градот Скопје, за потоа градоначалникот да го именува директорот.
Според член 8-а од Изборниот законик од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот до завршување на изборите не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Ивана Настеска