Иванов е во работна посета на Турција
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, престојува во работна посета на Република Турција.
Во рамки на посетата, како што соопшти неговиот Кабинет, Иванов ќе престојува во Сивас, каде на престижниот универзитет „Џумхуријет“ ќе одржи предавање на тема: „Ататурк и Македонија“.
Универзитетот „Џумхуријет“, на кој се образуваат над 56.000 студенти годишно, и е составен од 17 факултети, четири институти, пет колеџи и 14 стручни училишта ќе му додели почесен докторат на претседателот Иванов. За време на престојот, македонскиот претседател ќе оствари средба со градоначалникот и со гувернерот на Сивас.
Во рамки на работната посета на Република Турција, претседателот Иванов во Истанбул ќе учествува и ќе се обрати на Глобалниот форум за лидерство кој годинава се одржува на тема „Променливиот изглед на регионите во светло на глобалните парадигми за одржливост: Крстопатот на меѓународните алијанси“.
На Глобалниот форум за лидерство учествуваат политичари, амбасадори и истакнати професори од Турција и од светот.