Зошто Обвинителството молчело за хоророт на 13-годишното девојче?


Денеска ќе се знае кој ќе понесе одговорност за траумите што со години ги преживувало 13- годишното девојче, кое под закрила на државата било сместено во ЈУ за деца со воспитно социјални проблеми „25 Мај“ и во времето како нивна штитеничка била жртва на силување, подведување и трговија со луѓе.
Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, најави дека одговорност ќе има откако тричлената комисија што ја формира МТСП ќе даде препораки во текот на денешниот ден.

– Ќе се постапи соодветно. Нема можност некој да се изземе од одговорност – рече Царовска викендов.

Освен дисциплинска одговорност од лица во социјалниот центар и во институцијата, и евентуална оставка на директорот, граѓанските организации и адвокати бараат кривична одговорност за сторителите. Тоа што е нејасно е каде затаило Јавното обвинителство, особено што од МВР им испратиле детален извештај што му се случувало на девојчето – девет пати е пријавувана за исчезната, а полицијата поднела кривични пријави за полов напад и за силување. За маж со иницијали Ш.К, трипати постар од девојчето (имал 39 години), СВР-Скопје направил посебен извештај и уште на 12 јануари лани го доставил до Обвинителството.

Уште еден извештај бил доставен на 2 ноември минатата година до надлежен обвинител во ОЈО Скопје. Само десетина дена подоцна, наместо да биде соодветно згрижено, девојчето било однесено во бессознание во болницата во Велес.

Поднесена е уште една кривична пријава против конкретен сторител со иницијали Е.У, за делото полов напад врз дете. Истрагата била проширена и врз други лица.
Каде затаил системот што требало да го заштити девојчето? Царовска прстот го насочи кон Обвинителството, иако големо прашање е каква е улогата на овие установи кога деца на кои треба да им обезбедат подобар живот и иднина, да ги превоспитаат и згрижат, завршуваат како жртви на улица.

– Секое напуштање на институцијата од страна на девојчето е пријавувано во полиција. Откако таа се враќа назад, е направен детален запис на нејзините сведочења. Ако се докажат како факти оние наводи што девојчето ги кажува, што МТСП ги упатува до МВР, а МВР до Обвинителството, тогаш треба да имаме кривична одговорност. И тоа не се случува, туку имаме повторување на делото. До денес ЈО не покренало постапка. Токму тука затајува системот. Ако ОЈО покренело постапка, веројатно девојчето ќе се извлечело порано – рече Царовска.
Од Јавното обвинителство до денеска нема ниту одговори ниту реакција.

Претставникот на УНИЦЕФ во земјава, Бенџамин Перкс, нагласи дека лицата виновни за злоупотреба или небрежност мора да бидат изведени пред лицето на правдата.
– Иако злоупотребата се случила надвор од државна институција, случајот покренува сериозни прашања за тоа како општеството ги штити најранливите деца – соопштија од УНИЦЕФ.

Хелсиншкиот комитет, пак, побара од МТСП да спроведе надзор на установата „25 Мај“.
За кривичното дело трговија со дете казната е најмалку осум години затвор. Доколку делото е направено со сила, со закана или со доведување во заблуда, казната е најмалку 10 години затвор.

Со реакција се јави и ВМРО-ДПМНЕ.
„Негрижата и неодговорноста на институциите во случајот со силуваното девојче, штитеник на државната институција за згрижување деца „25 Мај“ во Скопје е само одраз на неспособноста на Министерството за труд и социјална политика предводено од Мила Царовска.
Очигледно дека еден ваков скандал воопшто не може да и го расипе викендот на министерката која без око да и трепне најавува дека после викендот ќе се решавал случајот кој ја потресе јавноста во кој било силувано и забременило девојче, а потоа истото абортирало. Замислете девојче за кое државата презело одговорност да се грижи, поминува низ тешки моменти, а министерката дури утре комисиски ќе го разгледува“, порачаа од оваа партија. (С.С.З)

Таткото и лани си ја бараше ќерката – преку телевизија

На почетокот на април минатата година, таткото на Р.И. со фотографија в рака излезе на телевизија за да ја бара ќерката, по едно од нејзините исчезнувања од домот „25 Мај“.
Тој тогаш рече дека девојчето има 11 години и веќе една недела ја немало во установата каде што ја оставил.
– Од домот ми рекоа дека пријавиле во полиција, секаде ја барав, ја нема. Не знам каде да се обратам, од Домот ми рекоа оди во ‘Канал 5’ нека ви помогнат“, зборуваше тој од телевизискиот екран. Подоцна девојчето беше најдено на Бит-пазар.