Земјоделците бараат помош за опстанок


Политичарите веднаш да најдат решение за проблемот со извозот во Косово, ако сакаат да опстане и ова малку земјоделство во земјава, апелираше вчера Асоцијацијата на земјоделци. Да не се чека ниту еден ден повеќе каква одлука ќе донесе Косово, туку на производителите да им се понудат конкретни мерки и помош што да прават со производите. Откако на 18 јули оваа земја ја зголеми царината за 30 отсто за влез на земјоделски производи, особено овошје и зеленчук, македонските земјоделци се соочуваат со огромни загуби. На домашниот пазар се откупува многу малку и по ниски цени. Трговците им ги откажуваат договорите, а да се бара пласман на нови пазари е доцна.

– Секој ден е многу скап за нас. Ако не се најде брзо решение, не знам што ќе правиме – вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата.

Овошјето и зеленчукот, кои традиционално се пласираат на косовскиот пазар, се сезонски производи и траат 2-3 дена. Ако не се продадат веднаш, ќе завршуваат во ѓубре, вели Шаклев и додава дека производителите веќе почнале да фрлаат големи количини од родот, особено доматите, праските и сливите, кои најбрзо се расипуваат.

Надлежните министерства за економија и за земјоделство, откако почна кризата со извозот во Косово, испратија дописи до Европската комисија и до ЦЕФТА, со кои го осудија ваквиот потег и побараа повлекување на одлуката образложувајќи дека е спротивна на договорот ЦЕФТА и дека се коси со правилата за слободна трговија. За денеска е закажана и средба во Белград на иницијатива на српскиот министер за трговија Расим Љајиќ. На средбата се очекува македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски, црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ и министерот за трговија и економски односи на БиХ, Мирко Шаровиќ, да заземат заеднички став за проблемот.

Во Министерството за економија вчера кусо информираа дека новини за случајот нема и дека ќе почекаат ставот да го соопштат по регионалната средба.

Сепак, земјоделците велат дека тоа не ги решава нивните проблеми. И покрај реакциите на сите земји од регионот кои се засегнати од одлуката, од Косово во изминатава недела немаше најава дека воопшто се размислува за менување на решението.

Струмичките градинари, кои голем дел од своето производство го пласираат на пазарите во регионот, велат дека и со обезбеден пласман едвај ги плаќаат трошоците на производството. Дури и да се симнат царините, тие за блокадата во изминативе денови штетите ќе ги бројат во милиони евра.

– Не е точно дека откупот тече непречено. Дали е откуп кога килограм бостан се плаќа два денара или, пак, четири денари за краставици. Пиперките се осум денари, а доматите десет. Тоа се цените што ни се нудат деновиве, ако некој воопшто дојде да откупува – вели градинарот Данаил Паланков.

Пред десетина години произведувал по 300 тони градинарски производи, а последниве години количините ги преполовил. Вели дека оваа година ќе биде убедливо најлоша, па размислува веќе воопшто да не произведува.

– Пролетната зелка се откупуваше за 10 денари за килограм. Насадите со куртовска капија делумно ми ги уништија поплавите, делумно градот, а тоа што остана нема каде да се пласира, па ќе го предадам во конзервната индустрија – вели Паланков.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вчера информираше дека активно се разговара со надлежните институции во Косово, а разговорите се во насока на повлекување на одлуката. Вчера, на седница на Владата, министрите разговарале и за мерките со кои може да се заштити нашето производство.

„Имаме активна мерка за доматот за која се бара и продолжување на рокот. Деновиве ги согледуваме штетите што ги претрпеа земјоделците со актуелната состојба и ќе ги разгледаме и мерките кои ни се на располагање. Тоа се мерки за предавање во преработувачки капацитети или за зголемување на субвенциите, но за да донесеме одлука ни требаат информациите кои се производите што се загрозени деновиве – рече Николовски.