За Советот на обвинители Зврлевски е сѐ уште главен обвинител
Марко Зврлевски е сѐ уште шеф на државното Јавно обвинителство, ако се суди според информациите што може да се најдат на интернет старницата на Советот на јавни обвинители – институција која е надлежна за именување и разрешување на обвинителите во земјава.
Интернет страницата на Советот на јавни обвинители, како што се забележува, не е ажурирана со месеци, така што, меѓу другото, не е нотиран ниту податокот дека сега со републичкото Јавно обвинителство раководи Љубомир Јолески, кој беше избран во парламентот кон крајот на декември, откако неколку месеци претходно Зврлевски беше разрешен од функцијата.
Јовески пред да стане главен обвинител беше член на Советот на јавни обвинители. Исто така, од дваесетина кандидати пријавени на канкурсот на Владата за шеф на Јавното обвинителство единствено Јолески и уште една кандидатка добија преодна оценка од Советот.
Советот на обвинители последните неколку седмици го тресат неколку афери, за што реагираше и американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли, посочувајќи на непотизам и судир на интереси. Во последниот период во Советот влегоа тројца нови членови, додека другите осум, главно, се на функцијата веќе неколку години, од времето кога оваа институција беше во судир со Специјалното јавно обвинителство. Единствено летоска имаше ротација на претседателското место во Советот, така што на местото на Петар Аневски дојде Коле Штерјов.
Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски ги прозва завчера членовите на Советот на обвинители за кои излегоа обвинувања во јавноста за можен конфликт на интереси да поднесат оставки од морални причини. (A.M.M.)