Законот за јазици го парализира парламентот: Тајни преговори наместо јавна расправа за амандманите


Продолжува парализата на парламентот поради десетиците илјади амандмани што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ за законот за употреба на јазиците. Роковите за почеток на расправата по оваа точка од поодамна се пробиени, додека спикерот Талат Џафери е во очекување овие денови да се најде решение за близу 36 илјади опозициски интервенции.

Според Џафери, амандманска расправа за Законот, на кој претседателот Ѓорге Иванов стави вето, не е решение. Наместо тоа, спикерот вели дека е во координација со пратеничките групи, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се најде алтернативно решение.

– Комуницирам со претставници на пратеничките групи, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека сме близу до решение – рече Џафери на вчерашната средба со новинарите.

За ова прашање, како што нагласи Џафери, се дискутирало и со претставниците од Европскиот парламент. Заеднички било констатирано дека не смее да се дозволи да се блокира Собранието.

„Не сакам однапред да шпекулирам со датуми. Се работи на решение да не се блокира Собранието. Не мислам дека амандманската расправа е решение. Тоа значи блокада на парламентот“, рече Џафери.

Иако ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку месеци го бојкотира парламентот и најави дека само „инцидентно“ ќе се врати во салата, кога ќе почне расправата за Законот за јазици, Џафери рече дека посакува и очекува брзо враќање на опозицијата.

„Сите работат во тој правец. Првичната одлука за отсуство од Собранието е резултат на солидарноста со другите пратеници поради одлуките за притвор. Таа ситуација полека се движи кон крајот, така што, како што рече Џафери, се очекува за кратко време тој основ целосно да престане“, рече Џафери.

Тој очекува, исто така, работните групи во кои се вклучени единствено СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да ги усогласат наскоро и реформските закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Дијалогот меѓу пратениците треба да продолжи и во рамки на процесот „Жан Моне“, за што било разговарано со европарламентарците кои беа во Скопје на почетокот на оваа седмица, а на средбата со нив имало и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Првата средба „Жан Моне“, како иницијатива која требаше да почне од Париз, сепак, ќе се одржи во земјава – од 15 до 17 март. Сепак, во договор со европарламентарците, оставен е простор овој состанок да се пролонгира за мај. Сѐ зависи од тоа дали и за кога ќе се обезбеди присуство на претставници од Европската комисија на високо ниво. Идејата е на средбата да присуствува и еврокомесарот Јоханес Хан и од тие причини не е утврден конечно терминот. Според договорот, нагласи Џафери, координаторите ќе можат да предложат дополнителни теми за разговор, покрај веќе договорените – Деловник, етички кодекс, заклучоци од Вилтон Парк.

(А.М.М)

И патните трошоци на пратениците чекаат поради јазиците

Намалувањето на надоместоците на патните трошоци за пратениците, за што пратеничката група на СДСМ предложи измена на два закона, е заглавено исто така поради законот за јазиците. СДСМ предлага намалување на патните трошоци за пратениците на најмногу 20 проценти, наместо досегашните 30 проценти по литар гориво за изминат километар. Овој предлог беше доставен до Собранието по големите реакции во јавноста за надоместоците на пратениците од внатрешноста за патувањата до Скопје.

Во рамки на 32. седница, пратениците треба да расправаат за уште петнаесетина други закони, меѓу кои е и тој за минерални суровини, ама сите тие се заглавени поради амандманската опструкција за законот за јазиците, кој е  прва наредна точка на дневен ред.

Џафери: Некој од „горе„ го контролира собраниското обезбедување

Спикерот Талат Џафери се пожали вчера дека парламентот е целосно зависен од Владата, која го определува собранискиот буџет, а министерот за финансии може да скрати дел од средствата. Според Џафери, законодавниот дом треба да има сопствен буџет, а не да зависи од извршната власт. Проблем, како што рече Џафери, е и начинот на кој е регулирано обезбедувањето на Собранието. Внатрешното обезбедување е под контрола на МВР.

„Има практични ситуации кога некој од ‘горе’ си зема за право да му дава наредби на обезбедувањето на Собранието. Тоа е недозволиво. Собранието треба да има целосен надзор врз обезбедувањето, за да не се случуваат во иднина ситуации како 24 декември 2012 година и 27 април 2017 година“, рече Џафери.

За впечатокот дека Собранието не е ефикасно, Џафери нагласи дека во овој период се работи според план, со цел парламентот да биде делотворен, но и да има одредена заштеда. Тој нагласи дека ако пратениците се во пленарна сала секој ден не мора да значи дека се ефикасни, посочувајќи притоа дека една пленарна седница чини 30 илјади евра.