Законот за финансиска поддршка на инвестиции поставен на ЕНЕР
Законот за финансиска подршка на инвестиции со кој ќе се применуваат мерките од владиниот план за економски раст е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
– Со законот се регулира финансиската подршка на инвестициите во државата врз основа на начелата на транспарентност, еднаков третман и јавност, се наведува во описот на законот.
Целта на законот е поттикнување на економскиот раст и развој во Република Македонија преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на македонската економија и вработувањето.
На веб страницата на ЕНЕР е наведено дека Предлог законот треба да биде подготвен до 1-ви следниот месец.
Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, за законот во кој се формулирани мерките од Планот за економски раст до крајот на следниот месец треба да заврши и собраниската процедура по што ќе биде имплементиран.
– Роковите ќе бидат запазени и тоа ќе биде компатибилно со поднесување на завршните сметки на компаниите што треба да бидат поднесени до крајот на месецов. Потоа сите компании во земјава ќе можат да партиципираат за државна помош врз база на завршната сметка за 2017 година, изјави неодамна Анѓушев.
Законот, појасни, се носи за да нема потреба со секоја компанија поединечно да се потпишува договор како што беше досега.
– Со него ќе биде одредено точно што треба да добие секоја компанија. На тој начин компаниите ќе имаат предвидлива ситуација и нема да зависат од волјата и субјективната желба на никого и однапред ќе можат да имаат проекција за своите инвестиции и како ќе бидат помогнати од државата, рече Анѓушев.
За да не се спречи функционирањето на компаниите и нивното инвестирање во ТИРЗ се додека не се донесе законот, нагласи, и понатаму поединечно со сите компании ќе се потпишуваат договори во согласност со одлука на Влада, но не со дискрециски права, туку по истите мерки што се предвидени во Економскиот план. Таков, како што кажа, е и договорот што е потпишан со турската компанија Чагатај кабло која инвестира во ТИРЗ Скопје 1.
При презентацијата на Планот за економски раст Владата најави дека со него се нудат исти, транспарентни услови за домашните и странските инвеститори