Заев: Местото ни е во ЕУ и НАТО


Местото на Македонија е во Европската унија и во НАТО, рече претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев вечерва на граѓанската трибина во Кичево, повикувајќи ги кичевци да излезат на 30 септември и да гласаат за европска Македонија.

– НАТО значи безбедност, мир и стабилност. НАТО значи вечен мир и никогаш повеќе војни. Членот 5 од Договорот со НАТО вели дека ако е нападната една земја членка тоа значи дека е нападнато НАТО и сите земји членки. Со влезот во НАТО конечно ќе ја осигураме Македонија, рече Заев.

Тој потсети на референдумот во 1991 година кога Македонија стана независна на што, како што рече, сите сме горди.

– Оваа генерација исто така има историска улога. Ако во 1991 година добивме независна земја, сега треба да ја осигураме и да ја обезбедиме и конечно по 27 години да тргне напред, истакна Заев.

Тој рече дека дилема за референдумот нема и оти НАТО и ЕУ се единствена алтернатива.

Зборувајќи за договорот од Преспа посочи дека со него добивме држава што никој повеќе не ја спори, со македонски идентитет потврден од сите и македонски јазик, потврден од сите во светот.

– Европскиот парламент ќе го користи македонскиот јазик како 26. официјален јазик, 156 илјади страници европско законодавство ќе бидат преведени и на македонски јазик. Вчера во Европскиот парламент, на што сум посебно горд, зборував на македонски јазик, посочи Заев.

Тој апелираше до сите граѓани да излезат на 30 септември и да гласаат за европска Македонија.

Претходно, Заев одржа трибина и во Демир Хисар каде порача дека верува до небото во нашиот народ и оти секој треба да покаже одговорност за европска Македонија.