Заев: Лазе е наш, но мора да понесе одговорност


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се врати од годишен одмор и присуствуваше на панел-дискусијата што се организираше по повод годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој, сепак, не даде изјава за неговиот предлог за разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, откако во јавноста беше обелоденето и МВР потврди дека телохранителот на Велковски ја пратил својата ќерка на одмор во Евридики со полицискиот џип „ренџ ровер дискавери спорт“.
По аферата, единствено премиерот Зоран Заев излезе со јавен став за предлогот за разрешување. Тој тврди дека зад барањето за разрешување не се кријат никакви внатрепартиски пресметки и порача дека Велковски е припадник на владејачката партија СДСМ, човек професионалец, но направил грешка и за тоа мора да понесе одговорност. Заев испрати порака дека владејачката партија е сплотена, а токму Велковски секогаш бил сплотувачкиот фактор. Заев не штедеше пофални зборови за директорот на БЈБ, како еден од неговите првоименувани соработници по доаѓањето на СДСМ на власт.
„Велковски е припадник на СДСМ и верува во политиките на Социјалдемократскиот сојуз и секогаш важел за сплотувачки фактор во партијата. СДСМ е единствен и е сплотен, посебно пред важни моменти и апсолутно овде се работи само за чин на понесување на одговорност. Се работи за понесување на одговорност, она што го очекуваат граѓаните од политичарите, од носителите на јавните функции“, рече Заев.
За денеска напладне е закажана владина седница на која под точката кадровски прашања ќе се разгледува предлогот на Спасовски кој е и на чело на кадровската комисија на владата. Сепак Заев очекува Велковски да остане во Министерството за внатрешни работи каде ќе придонесе со своето искуство.
„Јас верувам дека тој ќе остане значаен фактор во Министерството за внатрешни работи заради тоа што е важен со неговото искуство и е од помош на државата и државата треба да продолжи да го користи неговото искуство. Исправен пред заканата и пред одредени закани кои од минатото биле насочени кон него и неговото семејство направил грешка и за таа грешка секако треба да се понесе одговорност“, објасни Заев.
Доколку владата го прифати предлогот на Спасовски, најверојатно ќе и треба време за да најде човек кој ќе го замени Велковски. Засега немале размислувано за негова замена.
„Немаме ни размислувано. Не се ни надевавме дека ќе дојде до таква грешка. Немаме размислувано за негов наследник. Верувам дека ќе ни треба и време и добра анализа да најдеме вистинско решение за ова место, секако доколку владата го прифати предлогот на Спасовски“, вели Заев.
Извесно е дека Велковски ќе понесе одговорност за грешката што ја направил, а вицепремиерот Кочо Анѓушев, и покрај скандалот со доделувањето на грантовите, останува верна сенка на Заев. Премиерот вели дека законот е еднаков за сите и дека Владата нема двојни аршини за функционерите.
„Тоа се два различни случаи, заради тоа што во случајот на Велковски има констатирана и потврдена грешка. Во делот на апликациите за Фондот на иновации, секој по закон во Македонија има право да аплицира. Дали ние ги извитоперуваме вредностите или не, тоа е прашање за дебата. При ваквите аплицирања за самите грантови или поддршката на домашни компании од страна на владата, етичкиот аспект беше доволен како причина да се отвори дебата. По ваквата дебата имавме и повлекување и нема грешка согласно законот, како што е потврдено во другиот случај“, смета премиерот.
Како пример дека законот важи еднакво за сите, Заев посочува дека за една година и два месеца оваа влада разрешила повеќе од 20 луѓе кои претходно ги именувала по разни основи.
„Верувам дека пораката што ја испраќаме до сите е константна и нема дилеми околу неа“, порача тој.
Компанијата што доби грант од Фондот за иновации, а во која вицепремиерот Кочо Анѓушев имал 16 проценти сопственички удел и компанијата во која пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец има 30 отсто удел, се повлекоа по критиките од јавноста, но останаа сомнежите за евентуален судир на интереси при доделувањето на грантовите.
Обвинителството отвори постапка за доделувањето, но сè уште нема отворено истрага. Денеска Фондот за иновации треба да соопшти дали сите компании што добиле грантови дале изјави за нивната сопственичка структура и дали кај некоја од компаниите има конфликт на интереси.
Фросина Факова – Серафиновиќ