Заев: Кога жените губат, сите губиме


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев упати честитка по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената. Во неа вели:
„Кога денеска го славиме овој празник треба да прифатиме дека во нашето општество има сѐ уште области во кои преовладуваат конзервативните и премногу застарени принципи за улогата на жената. Тоа го менуваме, и на тоа остануваме посветени сѐ до постигнување на целосната правична родова еднаквост.
Ако не го направиме тоа, особено во сферите на креирање на политиките, на носењето на законите и во сферата на учеството на девојките и жените во системот на институциите, ќе продолжиме да ѝ даваме простор на општествената, родова неправда, која го намалува потенцијалот за прогрес на нашето општество.
Денеска е денот кога треба да им дадеме гласност на пораките дека без потполна родова еднаквост нема ни демократија, ниту социјална правда.
И не само денеска, овие прашања ќе бидат решени само ако им дадеме постојана гласност и видливост, секој ден. Мораме да ги охрабриме застапниците на борбата против родовата нерамноправност и сексизмот за да ги запреме сите видови на неправда во општеството, зашто борбата за правата на жените и девојките е борба за праведно општество.
Да не запреме додека целосно не ја анулираме разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените и додека не обезбедиме дека девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции. Нема никаква причина да биде поинаку. Кога жените губат – сите губиме.
Економското зајакнување е одговорот на многу од прашањата со кои се соочуваат девојките и жените. Економски силните девојки и жени полесно ќе се справуваат со сиромаштијата, со насилството и дискриминацијата. Образованите, еманципираните жени полесно ќе го движат нашето општество напред!
Правото на глас, избор и еднаквост треба секојдневно да се негува и унапредува сѐ додека не стане наше секојдневие. Заедничкото општество е силно колку што е силна жената во него.“
Честит 8 Март за родово еднакво општество, порача Заев.