Заев до лозарите: Сметајте на нас, ќе направиме сѐ што можеме за да ви помогнеме


Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вечерва одржуваат средба со лозари од Тиквешијата кои се незадоволни од цените за грозјето кои ги нудат винарниците.

– Овде сме да се обидеме да изнајдеме решение, да ги добиеме сите можни информации и уште еднаш да кажеме дека Владата постои заради граѓаните, овде сме во рамки на сите наши можности да помогнеме околу се што претставува интерес на граѓаните. Сметајте на нас во рамки на сето она што претставува наша можност, тоа ќе го направиме, рече Заев пред лозарите пред општинската зграда.

Премиерот нагласи дека винарниците кои откупувале грозје минатата година, го платиле.

– Тоа е резултат на упорни разговори, на внимателна политика. Сите сте сведоци дека се исплаќаат пари од „Повардарие” за грозјето откупено од претходните години. Истовремено, се одржаа неколку состаноци со лозарите и со винарниците. Истовремено преговараме и со винарии и првенствено ни е важно целиот род да биде откупен. Второ, да постигнеме најможни повисоки цени заради интересот на нашите граѓани и лозарите. И ќе продолжиме во тој пат да преговараме, рече Заев.

Тој потсети на ланската тешка година во оваа гранка и одлуките на Владата за подобрување на состојбите во лозарството.

лозари – Продолжуваме секоја пара што ќе ја обезбедиме да ја враќаме назад кон лозарите. Секако задоволството не може да биде до крај еднакво за сите. Но ќе продолжиме со таквите политики до крај додека можиме. Тука сум со намера да помогнам и да бидам во полза на граѓаните и на лозарите. Правиме се што можеме, нагласи премиерот.

На средбата присуствуваат и градоначалниците на Кавадарци Митко Јанчев и на Неготино Тони Делков.

Лозарите се незадоволни бидејќи наместо 15 и 17 денари како што бараа, винарите понудиле 11 и 13 денари за килограм грозје. Тие претходно најавија дека ќе блокираат патишта доколку винарите не престанат со игнорантскиот однос кон нив.