Заев: Австрија е голем поддржувач на Северна Македонија


Уште од самостојноста, Република Австрија е силен поддржувач на Република Северна Македонија и затоа соработката помеѓу двете земји се повеќе ќе расте, изјави премиерот Зоран Заев вчера по завршувањетона работната посета на Австрија.
-Имам посебна чест да бидам присутен во Виена на покана на канцеларот на Република Австрија, Себастијан Курц и да бидам негов специјален гостин по повод одржувањето на познатиот Виенски опера бал, каде ќе имаме прекрасна можност да запознаеме важни луѓе од целиот свет кои се гости на познатиот бал, рече Заев.
Додава дека искористиле прилика да се види со канцеларот Курц, кој важи за голем пријател на целиот Балкан, но и нашата Републикака и кој ја поддржува интеграцијата на државата и во Европската Унија па дури и во НАТО иако Австрија не е земја членка на НАТО. – Но, целиот овој период, од самостојноста на Северна Македонија, Австрија важи за една од нашите најголеми поддржувачи, нагласи Заев.
Секако, како што рече, поддршките што последниве години доаѓаа се важни, од поддршката за Преспанскиот договор до реформите дома и сега за она што се случува во делот на економијата бидејќи на еден начин поврзани сме со компании од Австрија. Заев истакна дека искористиле прилика да разговараат и за економската соработка зошто за нас сега тоа е многу значајно.
-Веќе добивме една конкретна понуда што дома ќе ја разгледаме, за австриска компанија и нејзин влез во инвестициите на Клиничкиот центар, преку евтино финансирање од страна на Австрија, со дополнителен грант, којшто ќе ги намали севкупните трошоци за инвестирање во самиот Клинички центар, истакна Заев.
Деталите, како што рече, ќе ги добиеме на писмено и дома ќе ги разгледаме за да може да се исконсултираме со опозицијата, со стручните луѓе, со експертите. Верувам дека тоа ќе даде можност за брза постапка за самата реализација на Клиничкиот центар.
Заев и Курц разговарале за Чебрен и Галиште, и за можности да се спојат големи енергетски компании од Австрија како потенцијални партнери во изведбата на овој грандиозен проект којшто е проектиран на околу 800 милиони евра.
-Разговаравме за соработка за нови странски инвестиции што би дошле директно од Австрија, но и за компании кои се со мешовит, австриски и друг, капитал, за да може да инвестираат во нашата земја. Но разговаравме и за целата оваа поддршка којашто треба да се случи во периодот пред јуни, за нашето добивање датум за преговори, отпочнувањето на преговорите за поглавјата со Европската Унија, истакна Заев.
Канцеларот Курц, како што посочи Заев, е многу упатен човек. Ги знае сите детали и даде прекрасни пријателски сугестии за овие последни месеци, кои чекори да ги направиме, затоа што тој верува дека Европската Унија треба да се проширува, а Република Северна Македонија е одличен пример за тоа како го има направено и политички после договорите со Бугарија и со Грција, но и во делот на успешноста на реформите.
-Верувам дека ќе успееме заради тоа што ова е веќе втората стратешка цел на нашата земја, а тоа е да отпочнеме преговори и да ги отвориме поглавјата со ЕУ. Верувам дека ќе успееме. Денешното мое присуство на овој настан, за кој би рекол дека е еден од најважните културни настани за Австрија и е од европски и светски карактер и да се биде специјален гостин на покана на канцеларот Курц за мене претставува голема чест, рече Заев.