Завршни зборови за предметот „Тенк“
На денешното судско рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Тенк“ треба да бидат дадени завршни зборови за инволвираните во овој процес.
Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за која постапката е издвоена поради „ризична бременост“.
Груевски, Јанкулоска и Поповски се обвинети за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.
Според СЈО, Груевски како премиер побарал од Јанкулоска да определи лице кое ќе спроведе незаконска јавна набавка за ново блиндирано возило, а се фаворизирала фирмата „Мак Аутостар ДООЕЛ“. За да го исполни барањето Јанкулоска го ангажирала Поповски и двајцата ја злоупотребиле службената положба и овластување. МВР направило набавка на возилото кое требало да и биде дадено на Владата, но според обвинителниот акт, било набавено затоа што Груевски сакал да се вози во такво возило, но не сакал јавноста да знае за тоа.
Тројцата обвинети во овој предмет се изјаснија дека не се виновни за кривичните дела за кои ги гони СЈО.
Судењето за „Тенк“ почна на крајот на јануари годинава.