ЕФН: Штетните измени во Изборниот законик ќе влијаат врз медиумите и демократскиот амбиент


Европската федерација на новинарите (ЕФН) изразува силна поддршка на ставот на Здружението на новинарите на Македонија и другите медиумски организации – Самостојниот синдикат на независни новинари, Советот за етика во медиумите на Македонија, кои се спротивставија на последните измени на изборната регулатива.
Според ЕФН, апсолутно е оправдана критиката што еснафските здруженија ја упатија во врска со новите законски решенија. Забележува дека измените овозможуваат мешање на властите во слободата на медиумите и независноста на уредувачката политика за време на изборни кампањи.
– Овие штетни измени на Изборниот законик не придонесуваат во ситуација кога имаме блокирани медиумски реформи и несомнено ќе влијаат и во работата на медиумите и во севкупниот демократски амбиент за време на предизборните кампањи во негативен правец, се вели во соопштението на ЕФН.
Европската федерација на новинарите реагира и дека со една од измените Државната изборна комисија се овластува да ги регистрира и да го следи известување на онлајн медиумите за време на изборите. Покрај ова, предвидени се и казни до 4.000 евра за неизбалансирано или непристрасно известување во медиумите.