Епилог од вчерашниот протест: 10 полицајци повредени, 26 лица приведени


Министерството за внатрешни работи соопшти дека на вчерашниот протест повредени се 10 полицајци, а седум други лица побарале лекарска помош. Полицијата привела 26 лица за време на протестот.

„Дел од демонстрантите, од кои голем број маскирани, насилно ја турнаа заштитната ограда и почнаа со фрлање на камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел спречување на понатамошно нарушување на јавниот ред и мир и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата спроведе соодветни мерки и активности. Повредени се 10 полициски службеници, а седум лица побарале лекарска помош. Приведени се 26 лица“, соопшти полицијата.

Околу 21:30 часот околу 50 демонстранти, се вели во полициското соопштениет, движејќи се во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец.

„Во близина на хотелот Холидеј ин запалено е комбе Фиат, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита“, вели полицијата.

Од МВР во врска со приведувањето на новинарот на порталот Инфомаксвелат дека тој одбивал да се легитимира, а притоа дал активен отпор.

„Постапувајќи согласно процедурите, лицето е однесено во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет, истото веднаш е пуштено. Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира новинарите и снимателите кои ги извршуваат своите работни задачи во текот на известувањето да го почитуваат етичкиот кодекс на однесување и со своите постапки да не ги попречуваат службените лица во извршувањето на своите задачи, при заштитата на јавнот ред и мир. Во изминатиот месец МВР во соработка со ОБСЕ и ЗНМ одржа низа работилници во неколку градови, на кои учествуваа новинари и вработени во МВР се со цел да се избегнат недоразбирања, меѓу другото, и на вакви јавни собири“, велат од МВР.