ЕЛЕМ рекордер во трошење пари на тендери


АД Електрани на Македонија минатата година склучила најмногу договори за јавни набавки на огласите објавени на Бирото за јавни набавки и наедно потрошила најмногу пари од сите државни институции и јавни претпријатија на тендери.

Податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека лани биле објавени 17.227 огласи за доделување на договори за јавни набавки, а биле склучени вкупно 26.061 договор за што биле потрошени над 38 милјарди денари или околу 618 милиони евра.

Министерството за финансии го презентираше најновиот софтвер на Бирото за јавни набавки за поголема транспарентност и отчетност во процесот на склучување договори за јавни набавки. Од оваа година сите јавни набавки ќе се извршуваат електронски.

Објавените податоци на Бирото за јавни набавки, кога станува збор за тоа кои државни институции и компании потрошиле најмногу пари на огласите за јавни набавки, покажуваат дека на прво место е АД Електрани на Македонија.

Државната енергетска компанија во 2017 година склучила договори за јавни набавки во вкупна вредност од 4,75 милјарди денари или 77 милиони евра. На второ место е ЕВН Македонија со реализирани тендери во вредност од 2,05 милјарди денари или 33,4 милиони евра, по што следи Министерството за внатрешни работи кое е на трето место според потрошени пари на јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милјарди денари или 24,6 милиони евра.

На листата на јавни претпријатија кои лани потрошиле најмногу пари на тендери е и Јавното претпријатие за државни патишта со склучени договори во вредност од 1,2 милјарди денари и ЈП Македонија пат со договори во вредност од 909 милиони денари.

Државната АД Електрани на Македонија е и на прво место на листата на договорни органи со најмногу склучени договори за јавни набавки минатата година. ЕЛЕМ лани, според податоците на Бирото за јавни набавки склучила вкупно со вкупно 533 договори.

Потоа следи Градска болница „8-ми Септември од Скопје со склучени 326 договори за јавни набавки и Центарот за јавно здравје од Тетово со 288 договори. На листата е и Народната банка на Mакедонија која лани склучила вкупно 285 тендери и Клиниката за стоматологија со склучени 278 договори за јавни набавки.

Од друга страна пак податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека десетина приватни компании биле најчести наддавачи на тендерите што ги објавуваат државните и јавни органи.

Рекордер според доставени понуди на огласите е трговското друштво „Даути комерц“ кое лани доставило вкупно 545 понуди на огласите. На второ место е „Макпетрол“ со доставени 483 понуди, по што следат компаниите за канцелариски материјали „Офис Плус“ со 409 доставени понуди, „Екос“ од Тетово со 403 понуди и компанијата за медицинска опрема „Биотек“ која учествувала со 338 доставени понуди на огласите за јавните набавки.
Минатата година најголем тендер според вредноста на склучениот договор е на Министерството за внатрешни работи.

Се работи за услуги за сервисирање и одржување на вклучени резервни делови на сите инструменти од производителот Perkin Elmer со Друштвото за промет и услуги и сервисирање на медицинска и електро-опрема Хипомед ДООЕЛ во вкупна вредност од 11,1 милиони евра.

Втора најголема набавка според вредноста има Министерството за култура, а се однесува на изградба на Драмскиот театар во Скопје со градежната компанија Бауер БГ. Договорот е во вредност од 627 милиони денари или 10 милиони евра.

На листата на најголеми набавки е и таа на АД Електрани на Mакедонија која лани за ископ на јаглен склучила договор со градежната компанија Трансмет во вредност од 437 милиони денари или нешто повеќе од седум милиони евра. Овој договор беше раскинат на почетокот на годинава бидејќи Трансмет не ги исполни обврските.

Податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека лани биле поништени 4.212 огласи за јавни набавки. Најчести причини за поништување на огласите било тоа што не била поднесена ниту една понуда на огласот или имало понуди, но ниту една од нив не била поволна.Причина за поништување на договорите за јавни набавки било и тоа што понудувачите доставувале нерерално високи цени во нивните понуди.

Најголем дел од договорите што биле поништени лани биле од Министерството за одбрана, АД Електрани на Македонија и Јавното сообраќајно претпријатие.
Александра Спасевска