Ексклузивно со Наталија Грубовиќ : Ќерка ми Натали ми го смени животот


Модните писти и ТВ-екраните пред година и пол ги замени со домашен амбиент и бизнис-кариера. Скопје го замени со Нови Сад, статусот сингл го смени со мажена жена, презимето во Глушац, а од пред два месеца со сопругот, Црногорецот Дрен, адвокат и бизнисмен, се израдуваа на приновата во семејството – ќерката Натали. Не е грешка. И ќерката и мајката имаат исто име.

– Моја желба беше ќерка ми да се вика поинаку, но желба на маж ми уште кога дознавме дека носам девојче беше Натали. Кога се роди и во првите мигови кога ја држев во прегратка, сфатив дека Натали е вистинското име за неа – ни раскажа ексклузивно Натали во домот на нејзините родители во населбата Бардовци, покрај Скопје. Во родниот град е веќе три месеци. Тука и се породи.

Натали и со ставата и со стилот е истата како од славните денови во Македонија. Единствена разлика е малку потемнетата коса. Веќе една година не е русокоса. Срдечна, насмеана, расположена – како што ја паметам изминативе 17 години.

Семејството ѝ е многу важно. Затоа на фотосесијата ѝ дојдоа и двете сестри, помладата Марија и постарата Радица со децата, а шармантни домаќини ни беа и родителите на Натали, д-р Милош Грубовиќ и професорката Илина. Во празнично декориран амбиент, со стара црногорска ракија за добредојде, кафе и баклава, како да бевме дел од македонскиот клан Кардашијан. Едногодишната Илина на Радица од бракот со ракометарот Алексеј Растворцев, празнично дотерана, трчкаше низ собата и го галеше бебето. Шеснаесетгодишната ќерка на Марија, Ања Делевиќ, се трудеше ништо да не ни недостига, а синот Милош, крстен по дедо му, мудро молчеше со другар му. Постариот син на Радица, од првиот брак, не беше тука. Во Белград е, студира право.

Н: Како е да си мајка?

– Најубаво чувство што тешко може да се опише со зборови… љубов најголема, среќа неизмерна…

Н: Што се смени во твојот живот? Како изгледа еден твој ден?

– Мојот живот комплетно се смени, деновите ми се посреќни, поисполнети, а времето буквално ми лета. На Натали сум ѝ посветена 24/7 и уживам во мајчинството, но бидејќи сум кај моите, имам максимална помош и поддршка од нив, па наоѓам време и за релаксација и за дружење со семејството и со пријателите.

Н: Дали сопругот ти помага за бебето?

– Сопругот Дрен ужива да се игра со бебето и ми помага околу неа, но работните обврски не му дозволуваат да биде со нас колку што би сакал.

Н Какво е бебето? Мирно или немирно?

– Премногу е мала за да знам дали е мирна или немирна, засега е како сите бебиња.

Н Како ќе ја воспитуваш?

– Со сопругот ќе се трудиме да ја воспитаме да ги почитува вистинските животни вредности, пред сѐ да биде добар човек и квалитетна личност.

Н Како е да се биде во фамилија со многу деца? Кои совети си ги разменувате со сестрите Радица и Марија?

– Вистински благослов е да растеш во семејство со браќа и сестри. Јас сум многу среќна што моите сестри ми се и најдобри пријателки. Ние сме многу блиски и секогаш сме си поддршка една на друга. Бидејќи и постарата Радица и помалата Марија се остварени како мајки, нивните совети во овој период многу ми значат.

Н Колку се поправи за време на бременоста?

– Имав убава и лесна бременост, па до деветтиот месец бев физички многу активна. Бидејќи внимавам на храната, во бременоста се поправив во граници на нормала.

Н Дали се врати на поранешната става?

– По породувањето, повеќето килограми веднаш се истопија. Имам уште малку за да се вратам на ставата пред бременоста, но во моментов не се оптоварувам бидејќи го дојам бебето и битно ми е здраво да се хранам и да сум физичка активна и релаксирана.

Н Кој е рецептот за твојот топ-изглед?

– Пред сѐ благодарна сум на добрите и здрави гени, а секако дека придонесува и тоа што се чувствувам убаво и задоволно во своја кожа. Добар сон, вежбање и избалансирана исхрана, секако дека се подразбираат.

Н Кои ви се плановите?

– Иако ми е преубаво во Скопје, време е да се вратам во Нови Сад.

Н Дали посакуваше да бидеш мајка?

– Мајчинството си го посакував подолг период и мислам дека ми дојде во вистинско време.

Н Дали ти недостигаат славата, дружбата, патувањата?

– Секој период од животот си има своја убавина. Јас навистина уживав во секој миг од мојата манекенска и телевизиска кариера и во славата што таа професија ја носи. А што се однесува до патувањата и дружењата, за нив наоѓам секогаш време.

Н Кои се твоите совети до идните манекенки како најпозната наша манекенка?

– Да веруваат во себе и да го работат тоа што го сакаат на најдобар можен начин. Да вложуваат истовремено и во физичкиот изглед и во образованието и во духовниот развој. Да се трудат да бидат свои, посебни…

Н Што ќе си посакате за Нова година?

– Оваа Нова година е специфична по тоа што моите мисли и желби ќе бидат насочени кон мојата принцеза… и моите најблиски.

 

Лејла Сабит          Фото: Борис Грданоски

 

Шминка и фризура: Димитар Тренкоски IDтеам Hair Bar