Еколозите повторно бараат да не се градат хидроелектрани во Маврово


Владата се уште не ја суспендираше изградбата на хидроелектраните во Националниот парк (НП) Маврово, ниту ги има раскинато концесиските договори кои се прекршени, иако тоа од неа го побара и постојаниот Комитет на Бернската конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет при Советот на Европа, соопштија денеска Еко-свест и ФРОНТ 21/42.

Здруженијата ги пренесуваат резултатите од најновата студија на Бенквоч која покажува дека „на балканските реки им се заканува уништување од хидроенергетски проекти финансирани од големите банки“.

– Уште во 2015 година побаравме суспендирање на сите хидроенергетски проекти во НП Марово. Во октомври 2017 уште еднаш ја потсетивме Владата на Македонија за обврската за суспендирање на четирите хидроелектрани: на река Жировничка, Јадовска и Рибничка, чии договори за концесија се прекршени и треба да бидат суспендирани. И покрај се, Владата се уште не ја суспендираше изградбата на овие хидроелектрани, ниту ги има раскинато договорите, велат од ФРОНТ 21/42.

Според нив, проектот во Тресонче кој се наоѓа во Националниот парк Маврово, е главна причина за уништувањето на водните видови во Тресонечка река.

– Овој случај треба да биде сериозно предупредување за македонската Влада и за инвеститорите и промоторите на хидроелектраните, за можните катастрофални последици кои би следеле доколку се остварат плановите за сите 15 хидроелекрани во НП Маврово, посочуваат здруженијата.

Извештајот на Бенквоч покажува дека во Југоисточна Европа меѓународните банки финансираат изградба на 82 проекта, многу од нив во заштитени зони.

Од 2005 година наваму Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Групацијата на Светската банка имаат одобрено заеми и гаранции во износ од 727 милиони евра за вкупно 82 хидроенергетски проекти од кои 37 се во заштитени подрачја како национални паркови, Натура 2000 зони или подрачја со висок степен на биодиверзитет. Најголем финансиер на хидроенергетски проекти на Балканот е Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со поддржани  61 хидроенергетски проект со 126 милиони евра, од кои 29 се во заштитени подрачја.

Како дел од заедничката кампања „Спаси го синото срце на Европа“ во која се вклучени повеќе организации од Југоисточна Европа со цел подигнување на свеста и информирање на јавноста за она што би значела трајната загуба на овие реки, снимен е и краток документарен филм, а е поокренато и потпишување петиција за спречување на хидроенергетските проекти.