Хуманитарна помош по повод Рамазан Бајрам, „Љубов секому, омраза никому“


Над илјада пакети со храна и лекови за лицата од социјален ризик донираше германската организација Humanity first во Кочани, Виница, Куманово, Пехчево и Берово.

Организацијата работи под покровителство на Ахмадија муслиманската заедница која во Македонија е присутна веќе дваесетина години, а има свое седиште во Пехчево. Помошта е обезбедена од сопствените фондови, а ги помагаат мулиманските верници од целиот свет.

Под мотото „Љубов секому, омраза никому“ пакетите им беа поделени главно на лица припадниците од исламска вероисповед по повод верскиот празник Рамазан Бајрам.

– Секоја година, по повод двата најголеми исламски празници Рамазан Бајрам и  Курбан Бајрам доделуваме донации со цел да им помогнеме на нашите браќа и сестри, без разлика дали се од исламска или христијанска вероисповед, за да го  почувствуваат значењето и топлината на празнувањето. Нашата цел е да шириме разбирање и пријателство меѓу луѓето, затоа што страдањето на кој било поединец е страдање за целата заедница, рече Сафет Дестанов од германската хуманитарна организација.

Освен пакетите со храна и лекови, германската хуманитарна организација обезбеди и бесплатни лекарски прегледи за старите и изнемоштени и лицата од социјален ризик во Пехчево.