Додека другите веруваат дека го живеат сонот: Моделите преживуваат како должнички робови


Франција – Се чини дека го живеат сонот, шетајќи по патеките низ Париз, Њујорк и Милан во најубавата облека што може да се купи за пари. Но, зад гламурот и патувањата, многу модели заработуваат само џепарлак и се должнички врзани со агенциите, плашејќи се да го признаат она што го должат.

„Најлошо е што е невозможно да се зборува за тоа, бидејќи во оваа индустрија луѓето сакаат да работат само со ‘успешни’ девојки“, вели 26-годишната Клара, која се појави во „Вог“  и работеше за брендови како Прада, Рик Овенс и Comme des Garcons.

Оваа манекенка со живеалиште во Лондон, која е во големи долгови кон агенциите за кои работи во Њујорк и во Париз, се согласи да зборува за агенцијата, за стапицата во која паднале таа и многу нејзини колеги, но само со променето име, бидејќи никогаш нема да добие повторно работа. Други модели за агенцијата изјавиле дека честопати биле плаќани во облека и во чанти, наместо со пари и дека „речиси никогаш не се платени“ кога работат за модни списанија.

Претставник на групата за човекови права на моделите, која беше формирана на почетокот од оваа година во Париз, изјави дека долгот е поголемо табу од сексуалното вознемирување во оваа индустрија. Соосновачот на групата, Екатерина Ожиганова, редовна манекенка на париската модна писта, изјави дека е време „да се стави крај на годините на злоупотреба, на сомнителни практики и на непочитување на законите за работа“ во оваа сфера.

Клара, која почнала со манекенство уште додека била на училиште, изјави дека за време на првата модна недела во Париз, агенцијата ѝ дала автомобил за одење на кастинг, кој го делела со другите модели со кои била сместена во голем стан изнајмен преку „Airbnb“.

„Она што го дознав подоцна е дека треба да платам по 300 евра на ден за возачот. Така, уште кога го потпишав договорот, веќе бев 3.000 евра во долгови, до крајот само на таа модна недела“, изјави таа.

„Подоцна бев ангажирана на Њујоршката модна недела. Секој модел од странство стартува таму со долг, бидејќи работната виза е многу скапа. Потоа престојуваш во апартман за модели за кој вашата агенција ви наплаќа по 50 долари од вечер, а го делите со три други. Кога почна кастингот, се разболев и пропуштив голем дел од ревијата, така што се вратив дома со 8.000 долари во минус“, вели Клара. Сепак, таа инсистираше на тоа дека нејзината „ситуација не е особено лоша“.

„Сè уште имам долгови кон моите агенции во Париз и Њујорк, иако оттогаш завршив многу работи преку нив. На пример, јас учествував на големото Париско шоу на кое требаше да заработам 1.100 евра, но добив само 400. Не видов ништо од нив бидејќи беше наплатен мојот долг.“

И покрај нејзините тешкотии, Клара инсистираше на тоа дека работи подобро од повеќето модели „кои имаат 16 години, тешко зборуваат англиски и имаат сиромашно потекло“.

Два искусни американски модели, кои исто така разговараа со агенцијата, се опишаа како „должнички робови“, тврдејќи дека агенциите понекогаш го земаат лавовскиот дел од нивната заработувачка. Според нив, источноевропските и бразилските девојки – кои сега доминираат во кастингот – се најранливи за експлоатација и добиваат најсуров договор.

Еден 24-годишен американски модел, која се појавуваше на ревии на Диор, Живанши, Исеј Мијаке, Балман и други, изјави дека долгот ѝ го обликува личниот живот. Таа донесла професионална одлука „да излегува само со мажи што се доволно богати, за да ја поддржат“, нешто што „било во контраст со нејзиниот феминизам“.

Ожиганова, 26, се надева дека Законот за модели може да го урне стравот да се зборува за индустријата во која многу лесно „луѓето се етикетираат како тешки ако поставуваат прашања“.

„Луѓето мислат дека моделите заработуваат многу пари, но тоа е апсолутно неточно. Тоа е случај само со околу два проценти од девојките“, рече таа.

Според оваа група за заштита на правата на моделите, неплатената работа е одложување на нивните животи. „Ретко кога им се плаќа работата за списанија, иако потребни се часови работа“, рече Ожиганова.

„Океј, тоа е престижно, но како ќе ја платите киријата?“ – додаде таа.

„Синам“, телото што ги претставува француските агенции за модели, призна дека манекенките имаат „оправдани барања“, вклучувајќи го и тоа договорите за вработување да бидат преведени на англиски, со оглед на тоа што повеќето модели кои работат во Париз не зборуваат француски. Меѓутоа, смета дека треба да се знае кој е нивни претставник и да ги ограничат нивните барања.

Третманот на моделите стана жежок компир за големите луксузни брендови откако њујоршкиот агент за кастинг, Џејмс Скули, минатата година ја пушти во оптек вистината за тоа како се третираат тие од нивна страна. Инцидентот поттикна двајца француски модни гиганти, LVMH и Kering – кои поседуваат некои од најголемите модни имиња – да ги здружат силите за да создадат повелба за борба против малтретирањето. Новите правила, исто така, забрануваат употреба на ултра тенки модели и оние под 16 години. (АП)