Доаѓа нов функционерски бран


Одлуки за распишување огласи за пополнување најмалку петнаесетина функционерски места се најдоа вчера на дневен ред на парламентот. Станува збор за институции чии раководства ги избира парламентот и кои овој пат треба да бидат пополнети од кадри кои би добиле поддршка од новото парламентарно мнозинство, односно главно од СДСМ и од ДУИ. Според најавите, дел од овие функционерски места би им биле отстапени и на новите партнери во владејачката коалиција.
Најмногу именувања на нови членови – пет – со петгодишен мандат, ќе има во Државниот совет за превенција на детско претстапништво, каде што уште во текот на 2017 година биле разрешени поранешните носители на функции. Распишан е оглас и за избор на заменик-директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, како и за директор на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА), кој ќе се избира со двотретинско мнозинство.
Тројца нови функционери – претседател и двајца членови, треба да бидат избрани и Комисијата за слободен пристап до информации, а четворица – претседател и тројца членови во Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Овие именувања доаѓаат во екот на реконструкцијата на Владата и проширувањето на парламентарното мнозинство, така што не е исклучено меѓу новите функционерски имиња да се најдат некои од кадрите, посебно тие од третиот ешалон, кои сега ќе бидат реконструирани. Таква можност, во една од своите изјави околу реконструкцијата, најави премиерот Зоран Заев, кој рече дека функционерите што не се снашле на одредени позиции ќе бидат можеби посоодветни на некои други функции.
Кадровската политика на владејачкото мнозинство во изминатите месеци е честа цел на критика на опозицијата, која обвинува за поставување несоодветни и некомпетентни кадри на одредени позиции, како и за роднински врски. Такви реакции имаше и вчера при изборот на поранешната пратеничка на ДУИ, Нора Алити, за претседател на Комисијата за хартии од вредност (КХВ). Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваа предлогот зашто сметаат дека Алити, како поранешна пратеничка, е партиско решение.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, рече дека Алити не може да биде независна како претседателка на регулаторно тело како што е КХВ.
– Тука требаат луѓе со кредибилитет и авторитет во областа на економијата и финансиите. Вака не се задоволуваат критериумите на Рајнхард Прибе за кои толку се залагавте додека бевте во опозиција – рече Данев.

Реџаиљ Исмаили од ДУИ рече дека Алити не била воопшто член на ДУИ, туку од огранокот на жени од Желино била кандидирана на листа на ДУИ за претходниот пратенички состав како експерт за економија. Посочи дека таа сега нема политички ангажман и дека е професионална во областа на економијата, со завршено образование во Бугарија и магистратура во Италија.
За Лиле Делиџакова, која треба да биде заменик-претседателка на КХВ, а околу која се крена врева поради тоа што е сестра на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, немаше доволен број пратеници за гласање. За неа ќе се гласа дополнително. Невена Стаменкова од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека Делиџакова не е стручна и компетентна во областа, не ги исполнила критериумите за конкурс и двапати била суспендирана од работа.
– Делиџакова воопшто не аплицирала на јавниот конкурс кој завршил на 16 февруари 2018 година, а нотарската заверка е два месеца по истекот на рокот – рече Стаменкова. Според нејзиниот сопартиец Димитар Стевананџија, сомнително е што за ваква позиција во регулаторно тело, каде што мандатот е минимум пет години и плата 1.500 евра, во февруари се пријавиле само седум кандидати. Одговорот на владата за предлогот, рече тој, е краток: дипломиран економист, 20-годишно искуство во работењето на финансиите, банкарството и општо економско менаџерство.
– Знаете зошто е ваков одговорот, затоа што податоците не се точни. Некои од вас и тоа не го знаеле. Денеска во 13.35 часот на вашиот имејл ги видовте заматените, замаглените биографии – рече Стеванаџија.
За комисионер – член на КХВ беше изгласан Душко Гошевски, а дополнително ќе се гласа за останатите членови, Кирил Јовановски и Зоран Колев.
Алити и Гошевски беа избрани со 55 и 54 гласа, за разлика од изборот на новата гувернерка кој малку претходно беше избрана со 81 глас „за“. (А.М.М.)