Дијабетичарите се жалат на глукометрите и на лентите


Непрецизни глукометри и ленти за нив го загрозуваат животот на дијабетичарите, се жалат пациенти што се зависни од инсулин. Тие за проблемот ја информирале и Агенцијата за лекови (МАЛМЕД).

Глукометрите се апарати што ја одредуваат концентрацијата на глукоза што, пак, помага за превенција на многу високи и на многу ниски концентрации на шеќер во крвта.

Од Здружението за детски дијабетес „Баланс МК“ ги упатуваат пациентите што ќе забележат непрецизности да ги пријават кај надлежните.

– Генерално, проблемот не е секогаш во глукометрите, туку и во лентите. Многу често се случува со иста капка крв, со две различни ленти, во рок од десет секунди, апаратот да покаже различен резултат. Ние тоа го знаеме од искуство, особено ако глукометарот е од фирма што не е етаблирана на пазарот – вели Цвете Серафимовски од „Баланс МК“.

Тој пренесува искуство на пациент од пред околу еден месец кога животот му висел на конец поради погрешно измерена гликемија. Со отворено ново пакетче ленти, мерењето покажало гликемија со вредност 26-27. Тоа е енормно висока вредност. Обидувајќи се да го доведе инсулинот во нормала, пациентот паднал во хипогликемична кома. Реалноста е дека гликемијата била далеку под 20. Среќа што блиските биле во близина и интервенирале за да го спасат.

Пациентите со дијабетес добиваат глукометри и ленти преку програма на Министерството за здравство. Критериум за набавката е најниска цена.

– Сѐ уште имаме проблем со глукометрите што ги користиме и затоа ги охрабруваме пациентите да ја испочитуваат процедурата и да пријават во МАЛМЕД. Министерството за здравство ни излезе во пресрет и ни одобри солидна бројка на глукометри „фри стајл либре“ за децата. Со тие може во секој момент да се следи гликемијата. Но, исто така, се многу барани во светски рамки и производителот не може да постигне да одговори на сите порачки. Ние како земја сме ставени на листа на чекање, после Хрватска – вели Серафимовски.

На интернет-страницата на Агенцијата за лекови има формулар што го пополнуваат пациентите за да пријават несакани реакции од лекови или од медицински средства. Од Агенцијата не добивме одговор за тоа колку претставки добиле од лица со дијабетес и како постапуваат со нив. Има и посебен формулар за доктори кои сакаат да поднесат пријава. Но, од организациите на пациентите велат дека има нула пријави од докторите.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, минатата недела најави дека има доволни количини од сите типови инсулин додека да истече двегодишниот договор во август годинава. Единствен проблем е „новорапидот“, кој го има за уште еден и пол месец.

– Веќе бараме начин да извршиме интервентен увоз и дополнителна тендерска постапка за еден и пол месец за да стигнеме до август, кога ќе го отвориме комплетниот пакет за јавна набавка за нов двогодишен договор за набавка на инсулин. Граѓаните што примаат инсулин нема да останат ниту еден ден без потребните количини – рече тогаш Милошев.

С.С.З.