Дијабетичарите бараат повеќе пари за поквалитетен инсулин


Асоцијацијата за детски дијабет „Баланс“ испрати писмо до пратениците во кое бара да се зголеми буџетот за инсулин. Според владината одлука, буџетот за дијабетес за 2018 година е еднаков како и за годинава.

Дијабетичарите од Собранието бараат зголемување на парите за набавка на инсулини и други лекови за третирање дијабетес. Претсавниците на „Баланс“ велат дека количините што се предвидени се недоволни, а инуслините што ги примаат се неквалитетни.

За 2018 година се предвидени 620 милиони денари. Од Здружението предупредуваат дека најголемиот дел од инсулините досега се набавувале од Турција, а таквото неквалитетно третирање на дијабетесот само ги зголемува трошоците за лекување, а не ги намалува. Лани најголемата ставка во трошоците за лекување биле за болестите на циркулаторниот систем за кои се потрошени повеќе од 1,7 милијарди денари. Голем процент од овие болести се предизвикани поради лошо третиран дијабетес.

Во Македонија има 188 илјади луѓе со дијабетес, или 12,2 % од вкупната популација. Од нив повеќе од 40.000 се корисници на инсулинска терапија и нивниот број се зголемува.