Дизајнерите за Нова година: Бидете дама во црвено


Црвеното во Македонија за некого е рај, за некого пекол. За некого актуелно, а за некого веќе видено. Зависи: Дали сте храбри. Дали сте модерни. Дали сте патриоти. Дали сте партиски обоени. Дали сте срамежливи. Дали сте се изгореле. Дали сте се посрамотиле. Дали сакате да ве забележат. Дали сте поминале на црвено. Дали сте во црвено салдо. Дали газите по црвен килим. Дали сте ја преминале црвената линија. Дали ви тече крв. Дали сте го читале Стендал или Орхан Памук. Дали ве сака црвенокоса. Дали пиете црвено вино. Дали ви подаруваат црвени ружи. Дали ве заведуваат црвени усни. Црвено значи стоп или тргни во напад. Во Македонија е тенка линијата.

Црвената боја е синоним за извонредност, тоа е онаа боја што веднаш ни паѓа в очи и која не можеме да ја избришеме од ум. Тоа е атрактивна и фасцинантна боја, која понекогаш нè изненадува како незаборавна шлаканица.

Во историјата на фустанот има многу дизајнери, кои во голема мера ја користеле оваа боја или, како што е случајот со „Валентино“ и безвременските чевли на „Лубутан“ со црвен ѓон, кои се нивен заштитен знак. Годините и годишните времиња минуваат, но на модните писти црвеното никогаш не излегува од мода. Го носат и холивудските и првите дами.

 

Симбол на моќ, богатство и страст

 

Дури од антиката, црвената боја е симбол на животот, но исто така и на моќ, богатство и страст. Оттука потекнува и верувањето, а во многу земји и традиција, за новогодишната ноќ да се облече нешто црвено.

Според верувањето, идната година би ни била исполнета со љубов и задоволства доколку вечерта на 31 декември не заборавиме на црвената боја. На Западот ова верување е преземено од азиските земји, а со текот на времето стана дел и од популарната култура преку која навлегува и во модниот свет. Набргу носењето црвена долна облека почна да се поистоветува со значењето на црвената боја воопшто, за на крајот секое модно парче и моден додаток, вклучувајќи го и црвеното каре, да бидат важни дали спаѓате во групата на оние што веруваат или не во моќта на црвената боја. Носењето црвена боја за новогодишната ноќ ќе ве направи да се издвоите од „толпата“ и секако ќе останете забележани, што е доволна причина да облечеме црвено.

 

Христина Деспотовска: Црвениот фустан ве качува на пиедесталот

 

„Lady in red“ – икона, статус, симбол. Ништо не привлекува инстант внимание како појавата на жена во тој – црвен фустан. Црвената боја на гардеробата има единствено влијание кај околината, црвениот фустан, без разлика на моделот, должината, материјалот, кројот… тоа е тој… веднаш привлекува внимание, дава повеќе гламур, привлечност, храброст, ве качува на пиедесталот… Боја што е поврзана со љубов, желба, привлечност, инспирација…, вели модната дизајнерка Христина Деспотовска.

Тоа е една од најтешките бои за комбинација, многу често знае да се претера со неа, да се употреби во комбинација со боја што ќе ја убие, но доколку си храбар и вешт, совршено може да се вклопи, дури и со друг карактер на боја и во која било ситуација… Не постои дизајнер кој не играл со неа. Сите постојано ја користиме во секоја наша колекција. Таа, односно тој црвен фустан е must have, и во колекција, и во плакар.

Како и да е, повторно се навраќам кон своето гледање, без разлика дали ќе изгледате совршено однадвор во вашиот совршено црвен фустан (особено сега на оние познати предновогодишни забави), ништо нема да биде совршено доколку среќата, убавината, насмевката, храброста не ги имате внатре со себе…

Најважно е – бидете свои и единствени!

 

Антонија Ристовска: Црвената боја го крева секој стајлинг

 

Црвената боја секогаш асоцира на љубов, енергија, страст, а покрај тоа, некако се поврзува и со новогодишната прослава и божикните празници.

Традицијата налага пред да влезете во новата година да имате нешто црвено на себе, или барем некој детаљ, а исто така и во домот да го имате божиќното дрвце, или познато како божиќна ѕвезда. Сето тоа во симболика за следната година да биде поуспешна и  посреќна.

Оваа традиција има корени во кинеската култура, но благодарение на моќта на неодоливите парчиња облека или модни додатоци во црвена боја, која го крева секој стајлинг, тоа го прифативме и ние, вели дизајнерката Антонија Ристовска.

Лејла Сабит