Децата од училиштето „Иднина“ добија специјализиран автобус


Штитениците од Основното училиште за деца со посебни потреби „Иднина“ од Скопје денеска добија нов автобус соодветно опремен и прилагоден, кој ќе се користи за нивен транспорт од домовите до училиштето.

Автобусот е донација од Ротари Клуб Скопје – Центар, со што во голема мерка ќе се олесни секојдневниот живот на штитенците, а дополнително се овозможува креирање нови содржини за нив, покрај редовната настава.

– Континуираната поддршка од Ротари Клуб Скопје – Центар е од огромно значење за нас како образовна установа, а посебно за учениците. Со оваа донација значително ќе се подобри и олесни секојдневниот живот на учениците и нивните родители, а истовремено се отвара можност за поголем број планирани активности и дружења надвор од училиштето. Тоа е навистина исклучително, бидејќи досега немавме можности за организација на вонучилишни активности, изјави Благојче Невчевски, директор на ПОУ „Иднина“.

Сппоред Николче Петкоски, раководител на проектот и иден координатор на сојузот на Ротари клубовите од Македонија, проектот е во духот на нивното мото „Служење над себе си“, односно да помагаме онаму каде што е најпотребно.

Донацијата е во вредност од 115.000 евра, и е досега најголема поединечна донација на Ротари Клуб Скопје – Центар. Во текот на 2011-та година организацијатра донираше средства за реновирање на училиштето со што значително беа подобрени условите за престој и работа.