Детската клиника доби апарат за полесно наоѓање вени кај мали деца
Апарат „Vein Finder“ за полесно наоѓање вени кај мали деца денеска доби Универзитетската клиника за детски болести, како донација од Центарот за дијализа „Диамед Македонија“.
Ова е прв ваков апарат на Детска клиника, а веројатно и прв во Македонија.
Директорката на Клиниката, д-р Катарина Ставриќ рече дека апаратот ќе им биде од голема корист на сестрите во ургентната и општата амбуланта каде од децата се земаат анализи за лабораториски иследувања.
– Мобилноста на горниот дел од овој апарат овозможува да може да се користи и по одделите каде ќе има потреба. Децата се многу чувствителни, многу состојби влијаат врз можноста да се боцнат. Иако сестрите се многу искусни, тие се соочуваат со проблем да се најде вена, да се даде терапија и да се направат испитувања. Со апаратот нема да има траума за детето и родителите – рече д-р Ставриќ.
Вера Иванова, директорка на „Диамед Македонија“, рече дека нема информации оти некој во Македонија има ваков апарат.
-Токму во вакви здравствени институции треба да ја насочиме нашата љубов и хуманост. Постојат многу моменти кога медицинскиот персонал, буквално, се мачи да најде вена кадe што ќе ја аплицира иглата. Овој апарат помага при полесно пронаоѓање на вени кај дечињата, што
секако користењето на овој апарат ќе значи големо олеснување и за нив и за родителите. Ние како општествена одговорна компанија и понатаму ќе наоѓаме начини да ги олесниме или намалиме трауматичните искуства кај оние што најмногу ги сакаме – рече Иванова.
Апаратот за полесно наоѓање вени Vein Finder ги исцртува вените и ги прави полесни за детекција, а со тоа и боцкањето е поедноставно и е ефикасно. Апаратот се користи кај возрасни и кај мали деца и е од особена помош кај пациенти кои се дехидрирани или примаат терапија за хронична болест.