Дедо Мраз

Со јазикот на Дедо Мраз, 2022 за некого ќе биде охохо, за некого ахаха, за некого аууу, за некого лелеее, за некого браво, за некого срам да му е


Растевме со Дедо Мраз како дедо кој ги исполнува нашите желби, ни ги разубавувува празниците, ни носи среќа и подароци под елката, ни го собира семејството дома, на топло, со топол чај, богата трпеза, во пижами и ни раскажува новогодишни приказни пред спиење додека надвор е студено и гледаме како паѓа снег.

Како возрасни сфативме дека Дедо Мраз не постои, се помалку и помалку ни се исполнуваат желбите, Нова година ја чекаме на 14 степени,  снег нема ниту за лек, ама се уште веруваме во моќта на духот на Дедо Мраз да ни го разбуди детето во нас, да ни ги врати среќните спомени, да се радуваме на она што го имаме, а не да мечтаеме за она што го немаме.

За некого 2021 беше мајка, за некого маќеа, за некого добар, а за некого лош шеф, за некого идеален, а за некого  погрешен партнер, за некого послушно, а за некого немирно дете.

Некој ќе сака да ја заборави годината што изминува, некој ќе сака пак да му се повтори, некој ќе ја памети по убаво, некој по лошо, некој изгуби драги луѓе, некој запозна добри луѓе, некој расчисти околу себе, некој расчисти во себе, некој ја наполни душата, некому му беше тешко во душата.

Некој ќе ги потисне лошите спомени и ќе мисли само на добрите, некој ќе се труди и нема да успее, ама надежта што ни ја дава новата 2022 е тука, околу нас, во нас, во европското семејство на богати и среќни луѓе, со високо морална и еколошка свест, кои разговараат, а не озборуваат, кои молчат и не се фалат, кој се образуваат и не мислат на скапи брендови, кои го чистат ѓубрето и мирисаат на парфем.

Со јазикот на Дедо Мраз, 2022 за некого ќе биде охохо, за некого ахаха, за некого аууу, за некого лелеее, за некого браво, за некого срам да му е , некој ќе дојде, некој ќе замине, некого ќе го сменат, некој ќе се откаже, некому ќе тече мед и млеко, некому …

Патот до среќата и благосостојбата е долг, трнлив, непредвидлив, со по некоја дупка и вир, некогаш и судбината замешува прсти, а некогаш е и до семејството, амбицијата, вложувањата и државата.

Колку луѓе, толку желби, мали, големи, остварливи и неостварливи, дел од сон, дел од јаве, дел од наши филмови, дел зашто така се чувствуваме подобро, поубаво и помладо.

Кога нешто очекувате, може и да се разочарате. Кога не очекувате, а добиете, радоста е голема.

Затоа, новата 2022 дочекајте ја со надеж, добри мисли и енергија, иако сте уморни по 364 дена работа, исполнета со проблеми, со канети или неканети гости, меѓу нив и Дедо Мраз. Може ќе ве изненади со убав подарок!