Дебели отштети во М-НАВ за хировите на ексменаџментот


Во ек е кампањата за привлекување млади луѓе за контролори на летање, а професијата се претставува како несекојдневна, за која се неопходни посебни вештини и тешки обуки, но пред сѐ како многу одговорна. Токму деновиве, во М-НАВ, акционерското друштво кое дава услуги во воздухопловна навигација, стигна пресуда на Врховниот суд со која се наложува враќање на работа на еден од контролорите на летање кој неколку пати беше бркан од работа во време на претходното политичко водство. По неа, М-НАВ ќе треба да плати отштета, но колкава, ќе се утврди по нова тужба за надоместок на штета и по вештачење.

„Пресудата ја покажува неодговорноста на претходното раководство. И не е само овој случај. Имаше неколкумина вработени во контролата на летање, и во Скопје и во Охрид, кои беа прогласени за неподобни и беа бркани од работа без почитување на законот, како покажување моќ и недопирливост. Уште тогаш синдикалци укажуваа дека овие хирови некој ден ќе мора да се платат, но тогашните директори или членови на Управен одбор глумеа божества. Да видиме дали новиве ќе покренат постапки против нивните претходници или сè ќе заврши само со илјадници евра што ќе ги платиме како отштета“, вели вработен во М-НАВ кој сака да остане анонимен.

Поконкретно, Врховниот суд со пресуда која е конечна ја поништува одлуката за отказ. Го задолжува М-НАВ да му ги надомести судските трошоци на контролорот од 97.620 денари и да го врати на работа во рок од 8 дена од прием на пресудата. Формален основ за бркање на контролорот од работа бил дека пет дена неоправдано отсуствувал од работа. Но во М-НАВ е јавна тајна дека контролорот е избркан затоа што како инструктор не сакал на еден од членовите на тогашниот менаџмент да му потпише дека поминал обука за контролор.

„Контролорот не се согласи да му врши обука на неговиот надреден затоа што не беа исполнети законските услови. Потоа овој почна да го принудува, но контролорот не прифаќаше да се потпише дека фиктивно ја завршил обуката. Доби отказ, почнаа судски постапки. Контролорот остана без приходи, и по многу малтретирање, ги зеде двете деца и сопругата и се отсели од Македонија“, објаснуваат вработени во М-НАВ.

Новиот претседател на УО на М-НАВ, Николче Тасески, вели дека компанијата веќе постапила по решението на Врховниот суд.

„Пратен е допис до контролорот и неговиот адвокат да дојде на работа и да се врати на работно место, согласно неговата стручна способност. Сè уште немаме повратен одговор, но ние сме должни да го пријавиме како вработен и ќе го сториме тоа“, ни изјави Тасески.

Доколку контролорот, кој во моментов е надвор од земјава, не одговори на дописот, Тасески вели дека Управниот одбор ќе одлучи што натаму.

И токму стручноста на контролорот ќе биде новиот проблем со кој ќе се соочи актуелниот менаџмент на М-НАВ. Оти контролорот, поради повеќегодишно неработење, ги изгубил лиценците за чие добивање, пак, претходно одел на скапи обуки. Сега, со нова тужба, контролорот ќе бара надоместок на оваа штета. Дополнително што ексменаџментот поставен од владата на ВМРО-ДПМНЕ, во кој имаше и претставници по избор на ДУИ, избрка уште неколкумина вработени, за кои предметите се завршени или се во тек. Само за четворица од нив грубите пресметки што ги прават вработени во М-НАВ укажуваат на износ на отштети по сите основи од над половина милион евра. Директорот на М-НАВ вели дека ова е превисок износ.

 

„Во однос на вкупниот износ што ние како ново раководство би го платиле за двајца вработени чии пресуди се во моментов актуелни, а други лица нема, согласно нашата финансиска евиденција, тоа се три милиони и двесте илјади денари, односно 50 илјади евра. Во овој износ од 50.000 евра, околу пет илјади евра се камати, а останатиот дел е за плати. Овој износ од 50.000 евра нема да предизвика проблеми во работењето, а ние веќе имаме задолжено лица да достават анализи и извештаи за случаите“, појаснува Тасески додавајќи дека не сака да шпекулира за натамошните побарувања на контролорот и дека говори само за износот што компанијата во моментов има обврска да го исплати.

„Дополнително, компанијата треба да одлучи дали ќе гони некого кривично. Оти, правно гледано, постои посебно кривично дело повреда на правата од работен однос, но и кривично дело злупотреба на службената положба и овластување, кое се однесува на законското и правилно исполнување на службените и јавните овластувања и должности. Во случаите со бркање од работа на вработени од М-НАВ има прекршување на закон по двата основи. Или, можеби, М-НАВ ќе чека јавното обвинителство по допрен глас да постапува“, велат извори на „Независен весник“ од М-НАВ.

Анита Салтировска