Двотретинско мнозинство за СЈО засега е невозможна мисија


Невозможна мисија засега изгледа обезбедувањето на двотретинско мнозинство во Собранието за законскиот текст изготвен од Министерството за правда со кој се продолжува животот на Специјалното јавно обвинителство кое беше формирано со широк консензус во септември 2015 година.

Во меѓувреме, предвидениот рок за негово донесување до 1 април, кога започнува претседателската кампања, а Собранието прекинува со работа, немилосрдно истекува. Министерката за правда Рената Треневска-Дескоска вчера потврди дека работната верзија на законот е испратена до пратениците, но дека засега нема обезбедено поддршка од 80 пратеници. Со законот се предвидува продолжување на надлежноста на СЈО за сите предмети што ги работело во сите фази, со цел да нема никаква одредба што би значела затскривање и амнестирање со закон на каков било криминал.

Несогласувањата околу важниот фактор во реконструкцијата на правниот систем, според информациите, е еден од сегментите кој создава криза во владејачката коалиција. Високи функционери на ДУИ јавно говорат дека треба да му се даде нова шанса на СЈО, но зад сцената прават калкулации околу одредени одредби кои ним не им одговараат, со оглед на тоа дека неколку нивни првенци се дел од истрагите и обвиненијата на СЈО.

Лидерот Али Ахмети заедно со азилантот Никола Груевски се дел од истрагата за одложување на пописот, вицепремиерот за европски прашања и шеф на делегацијата за преговори со ЕУ, Бујар Османи, е осомничен како поранешен министер за здравство за злоупотреба на службената должност во случајот „Пациент“, додека координаторот на пратеничката група, Ејуп Алими, за изборни нерегуларности во Чаир.

Од ДУИ велат дека ги усогласуваат ставовите во рамките на коалицијата, но и со сите други парламентарни партии. Посочуваат дека предлогот имал спорни одредби во однос на хиерархијата на СЈО, а потсетуваат и на начелното правно мислење на Врховниот суд, кој пресече дека по рокот од 18 месеци ова обвинителство не може да отвора истраги и да поведува обвиненија.

Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири, пак, искреноста на „интегративците“ во поглед на СЈО ја дефинираше кратко и јасно: „ДУИ е за СЈО, ама ако може да исчезнат некои случаи“.

Сомнежите за договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ при дебаклот во Собранието околу одземањето на имунитетот на поранешниот спикер Трајко Вељаноски, Зекири ги поткрепи и со можноста, како што рече, брзо да дојде на дневен ред и одземање на имунитетот на координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Алими.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека во интерес на граѓаните е да постои тело во државата кое ќе гони висок криминал, но дека обвинителство во овој состав и на чело со Катица Јанева нема да поддржат. Лидерот Христијан Мицкоски смета дека СЈО е селективно и се користи како алатка за политички прогон на ВМРО-ДПМНЕ. Тој тврди дека на средба на која присуствувало и трето лице Јанева го условила одмрзнувањето на имотот на партијата (случајот „Талир“) со поддршка за СЈО.

„На тој состанок имаше уште еден господин. Кога прашав зошто е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, таа ми одговори: ‘Поддржете го продолжувањето на СЈО, ќе ви го одмрзнам имотот’. Тоа е право и правдина, со уцена“, рече Мицкоски во интервју за 1ТВ. Тој додаде дека неговата партија не била вклучена во изработката на предлог-законот за СЈО и дека не може да коментира за продолжувањето на мандатот на ова обвинителство.

 

Треба да гласаат и обвинетите

 

Дел од аналитичарите сметаат дека, имајќи предвид дека поголем дел од обвиненијата во кои се инволвирани политичари се во рамките на надлежностите на СЈО, во споредба со настаните на 27 април, логично е дека повторно ќе следуваат сериозни и тешки политички договори за неговата судбина.

„Јасно е дека нема консензус околу прашањето за СЈО ниту во владината коалиција, а камоли пошироко. Нам како општество не ни е потребно СЈО без заби, туку институција која навистина ќе може да направи нешто во однос на владеењето на правото. За да се дојде до двотретинско мнозинство, ќе бидат потребни и гласовите на осумте пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, каде што исто така нема такво расположение“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Дел од пратениците во независната пратеничка група се директно инволвирани во случаите на СЈО, дел, пак, индиректно преку свои блиски. Ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска е обвинета во случајот „Тендери“. Бизнисменот Сеад Кочан, кој е близок со пратеникот Зекир Рамчиловиќ, е осуден на шест години затворска казна во предметот „Труст“, а синот на пратеничката Владанка Авировиќ, Василије Авировиќ, на три години. Емилија Александрова е снаа за братучед на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој е обвинет во неколку предмети на СЈО. Таа вчера остави простор да се донесе законот, но повторно со широк консензус.

СЈО, според Арсовски, ќе биде главниот елемент врз кој ЕУ ќе цени дали сме сериозни во намерата да се воспостави владеењето на правото од што ќе зависи и добивањето на почетокот на преговорите.

„Засега проблемот со СЈО изгледа нерешлив, но така беше и со решавањето на спорот со Грција. Несогласувањата очигледно се големи. Мислам дека за да се реши ова прашање ќе биде неопходно поинтензивно вклучување на меѓународниот фактор“, смета Арсовски.

Носењето на законот за јавното обвинителство и според Дескоска ќе биде еден од клучните моменти што ќе бидат пресудни во одлуката за отворање преговори, имајќи ги предвид препораките од меѓународната заедница, особено од ЕУ.

„Мислам дека сите политички партии што се залагаат за отворање на преговори треба да го имаат тоа на ум и да бидат свесни дека на крај сè што направивме може да биде залудно ако не ја дадат поддршката за Законот за јавно обвинителство“, рече Дескоска.

Има јасни насоки од ЕУ во врска со законскиот текст. Се тргнува од законски текст кој би бил идеален, но под црвените линии, под она што значи европски стандард во регулирањето, вели Дескоска, ние не смееме да паднеме бидејќи тогаш ќе биде залудно носењето на законот.

„Значи, закон што нема да добие преодна оценка во ЕУ, воопшто нема да биде пуштен во Собрание“, рече Дескоска.

Станува збор за решение што ќе овозможи квалитетен систем на Јавно обвинителство во кое Специјалното јавно обвинителство ќе има своја улога во гонењето висока корупција и продолжување на сите предмети што се почнати во СЈО, без разлика дали се во фаза на обвинение, во истрага или предистрага, спротивно на одлуката на Врховниот суд, кој пресече дека по рокот од 18 месеци, ова обвинителство не може да отвора истраги и да поведува обвиненија.

 

Автономија на СЈО во рамките ЈО

 

Дескоска појасни дека станува збор за закон со кој е регулирано Јавното обвинителство и во тие рамки и Специјалното јавно обвинителство.

СЈО е разграничено од другите обвинителства и особено од Обвинителството за организиран криминал, со тоа што се фокусира неговата надлежност на гонење висока корупција. Кривични дела поврзани со изборите и гласањето, влијаење врз сведоци, нанесување поголеми суми на штети врз буџетот…

„Тоа беше една од препораките што ја добивме од меѓународните експерти дека е добро да врземе само висока корупција со цел да не се разводнува работата“, истакна Дескоска и додаде дека го вклопуваат СЈО во системот со одредени гаранции што треба да му овозможат целосна независност во вршење на функцијата.

Во новото законско решение во однос на мандатот на обвинителите од СЈО, Дескоска рече дека во консултацијата со експертите било посочено да се размислува за мандат од една до две години. Останува дилемата околу „бомбите“. Дали ќе можат да се користат како докази само во предметите пред јуни 2017 или и за оние случаи отворени подоцна. Засега неспорно е дека „бомбите“ кои не биле користени како докази ќе бидат уништени една година откако правосилно ќе завршат сите судски постапки исто како што се постапува со посебните истражни мерки.

Американскиот амбасадор Џес Бејли пред заминување од функцијата јасно порача: „Измените на Законот за Јавно обвинителство во насока на решавање на статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) никако не смеат да се прават така за одредени луѓе да се спасат од кривичен прогон, односно да се протнат низ пукнатина“.

Наум Котевски