Двегодишно дете почина на клиника во Скопје


Двегодишно дете вчера починало на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Детето било донесено со болничко возило во 11:30 часот од Прилеп со тешка менингококцемија со флуминантна пурпура или сепса.

Директорка на Универзитетската клиника за инфективни болести и фербилни состојби во Скопје Милена Стевановиќ изјави дека болеста почнала неполни 24 часа пред приемот на детето, кое било на педијатриското одделение во Прилеп каде ја добило иницијалната терапија и во консултација со инфектолог било упатено на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Детето на Клиниката веднаш било однесено на интензивна нега.

– Земени се потребни микробиолошки следувања и започнат е интензивен третман, но болеста за жал заврши со смртен исход во 18 часот и 15 минути, рече Стевановиќ, додавајќи дека станувало збор за многу тешка клиничка слика на болест предизвикана од бактеријата нисерија менингитис.

Ваква клиничка манифестација на болест, според д-р Стевановиќ, е исклучително ретка со висока смртност и покрај преземање на сите потребни тераписки мерки. Болеста почнува нагло, а симптомите се често неспецифични посебно кај деца до четиригодишна возраст, како што е и ова дете. Во наредните часови од почетокот на болеста таа прогресира во најтешка форма која, за жал, завршува со смрт.

Епидемиологот од Институтот за јавно здравје во Скопје Владимир Микиќ соопшти дека штом е поставено сомневањето за оваа болест кај детето, инфектологот од Прилеп известил епидемиолог и веднаш е излезено на терен за да се преземат сите мерки кои се предвидени со протокол за постапување во вакви случаи.

– Тоа подразбира давање профилакса на сите со кои детето имало контакт, како оние што се грижеле за него, дезинфекција на санитетското возило со кое е превезувано и на болничките простории каде што било примено. Дополнително, епидемиолозите во моментов се излезени на терен и се вршат дополнителни епидемиолошки истражувања за дезинфекција на домот каде престојувало детето, рече Микиќ.

Се земаат и лабораториски материјали за да се види дали постојат одредени носители и да се намали ризикот од евентуални нови случаи, иако, како што рече, тоа е исклучително ретко. Оваа болест најчесто се јавува кај поединечни случаи.

Детето живеело во странство и било на привремен престој во Македонија во изминатиот месец или месец и половина и најверојатно болеста ја добило тука.

Се работи за заразно заболување кое се пренесува со близок конктакт.