Дванаесет години по смртта, Србите поделени за подигањето споменик на Слободан Милошевиќ


Денеска се навршуваат 12 години од смрта на поранешниот претседател на СР Југославија и на обвинетиот во Хаг Слободан Милошевиќ, објавуваат дел од српските медиуми.

Во кратката најава, повеќето од нив се повикуваат на агенцијата Бета во која се наведуваат кратки хронолошки податоци за „десетгодишното автократско владеење на Милошевиќ, кое завршува во 2000 година со победата на претседателските избори на кандидатите на Демократската опозиција на Србија (ДОС) и масовните демонстрации на 5 октомври, неговото апсење во 2001 и предавање на Хашкиот трибунал, каде и почина на 11 март 2006 година“.

И додека почитувачи на Милошевиќ, меѓу кои и радикалот Војислав Шешељ во Пожаревац го посетуваат неговиот гроб, од српската Влада до медиумите денес испратија соопштение дека утре владина делегација по повод 15 години од убиството на премиерот Зоран Ѓинќиќ ќе положи венец на спомен плочата во дворот на Владата каде беше застрелан поранешниот српски премиер.

Во Белград сѐ уште споменици немаат ниту Слободан Милошевиќ ниту Зоран Ѓинѓиќ.

И додека за Ѓинѓиќ минатата година власта предводена од СНС покрена иницијатива за поставување на споменик, пред три дена нивниот коалиционен партнер Социјалистичка партија на Србија (СПС) и нејзиниот почесен претседател Милутин Мркоњиќ официјално побараа во Градското собрание на Белград и до српскиот претседател Александар Вучиќ поставување на споменик и именување една улица и плоштад во главниот град во чест на нивниот партиски лидер Слободан Милошевиќ.

Како и за Зоран Ѓинѓиќ, така и за Слободан Милошевиќ одбележувањето на годишнините од нивната смрт – а со тоа и на  нивното историско наследство, меѓу кои се и кревањето споменици, во Србија, сѐ уште предизвикува полемика.

Во неа се вклучи и високиот функционер на СПС, познатиот адвокат со битолско потекло Тома Фила, кој во екот на градските избори за Белград изјави дека „убиството на Зоран Ѓинѓиќ е чин на патриотизам“, а вчера констатираше дека „ја поддржува иницијативата за споменикот на Милошевиќ“, барајќи воедно од лидерот на СПС Ивица Дачиќ „да ја поддржи преку највисоките органи на партијата“.

Спротивно на него, историчарот Чедомир Антиќ тврди дека поставувањето споменик на Милошевиќ е обид да се подобри паднатиот рејтингот на социјалистите.

– Верувам дека не можеме да најдеме ниту еден успех на Милошевиќ во 90-тите години. Тој го остави Косово како отворен проблем, што ни се врати со војна… Тој во суштина беше експерт поразот да го камуфлира. Тој е симбол на пропаста на една генерација, изјави Антиќ

Во анкетата на ТВ Н1 граѓаните имаа поделени мислења околу оваа иницијатива. Останатите медиуми како Телграф и Курир ги разработуваат „теориите за заговор за убиството на Милошевиќ“.

За тоа дали ќе биде кренат споменикот на Милошевиќ, (па и на Ѓинѓиќ), треба да се почека до конституирањето на новото Градско собрание на Белград и на ставот на мнозинската власт на СНС, а со тоа како што објави ТВ Н1 и на „амин“ на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.