Да се избегне труење: сладолед од кутија, не во корнет


Сладолед да се купува во продавница, а не во слаткарница. Агенцијата за храна и ветеринарство советува во летните месеци да се одбегнува храна што сменила боја, а пред консумирање да се провери изгледот, мирисот, вкусот и рокот на употреба.

Сладолед да се купува од прадовница, пакуван во кутија, месото, млекото и јајцата да се чуваат во фрижидер, а овошјето и зеленчукот добро да се мијат, се само дел од препораките на Агенцијата за да не дојде до труење. Од таму предупредуваат дека продажните објекти за брза храна и слаткарниците се во категоријата со висок ризик.

– Внимателно читајте го означувањето. Ако сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте, фрлете ја. Јадете и купувајте на проверени места, со добра репутација, во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник, мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи,…, додека при пазарењето избегнувајте храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната). Месото, млекото и јајцата не ги чувајте долго време во автомобилите, нагласува АХВ.

Агенцијата посебно го истакнува значењето на хигиенската манипулација по купувањето на храната, како и нејзиното чување.

– Пред подготовка на храната добро да се измијат рацете, оладената храна да се чува на температура пониска од пет степени целзиусови, а топлата на температура повисока од 60 степени, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Ако по подготвувањето храната не се консумира веднаш, да се чува во фрижидер, потсетува Агенцијата.

Важно е и во текот на подготовката на храната да се врши често миење на рацете. Во фрижидерите на најгорните полици треба да се чува зготвената храна, а суровата на подолните. Внимание треба да се посвети и на заштита на храната од инсекти и глодари зошто тие може да ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни треба да се внимава да не бидат во контакт со храната која се подготвува.