Грчкиот Парламент го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО


Со 153 гласа „за“, 140 „против“ и еден воздржан, Парламентот на Грција вечерва, по речиси 11-часовна расправа, го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО.

Вкупно гласаа 294 пратеници, а освен сите 145 членови на СИРИЗА, односно целата пратеничка група, „за“ гласаа и осумте пратеници кои го поддржаа и Договорот од Преспа:

Претседателот на Демократска левица Танасис Теохраопулос, кој беше избришан од коалицијата Демократска алијанса, сега независен пратеник.

Спирос Данелис кој беше избришан од Река, сега независен пратеник;

Ставрос Теодоракис, Јоргос Мавротас и Спирос Ликудис од Река кои по распадот на пратеничката група официјално се независни пратеници;

Елена Кундура, министерката за туризам, поранешна членка на Независни Грци, сега независна пратеничка;

Катерина Папакоста, заменик-министерка за цивилна заштита, сега независна пратеничка;

Танасис Папахристопулос, пратеник од Независни Грци, кој веднаш по гласањето си поднесе оставка од пратеничкото место.

Со прозивање, сите 300 пратеници требаше да кажат дали гласаат „за“, „против“ или „воздржано“.

На гласањето му претходеа обраќања на пратениците и лидерите на политичките партии, но и на грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Расправата за нацрт-законот од Министерството за надворешни работи „Ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Република Северна Македонија“, се водеше во иста линија како и на дискусијата за ратификација на Договорот од Преспа, членовите на опозициските партии ги изнесоа нивните аргументи зошто се против, додека, пак, од владејачката СИРИЗА и независните пратеници што го поддржаа и договорот и протоколот говореа зошто тие сметаат дека тоа е во интерес на Грција.