Грција успешно го лансираше сателитот Hellas Sat 4


Од европската вселенска станица во Куру, Француска Гвајана, успешно беше лансиран сателитот Hellas Sat 4 во носечката ракета Ариана 5, што ќе ги користи грчката и кипарската орбита, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за телекомуникации на Грција, Никос Папас говорејќи за ЕРТ, веднаш по лансирањето истакна дека тоа е важен чекор за Грција и ќе придонесе за развој на економијата, додека, пак, грчкиот министер за одбрана, Евангелос Апостолакис смета дека и вооружените сили на Грција ќе имаат корист.

-Лансирањето на Hellas Sat 4 ќе ги зголеми нашите можности за автономни сателитски комуникации, за одбраната и безбедноста, а ЕРТ ќе ги искористи неговите можности, рече Папас.

-Со лансирањето на Hellas Sat 4, Грција веќе зазема силна позиција на меѓународната вселенска мапа нудејќи услуги на високо ниво, онаму каде што е потребно. На грчките вооружени сили ќе им овозможи апсолутно сигурни сателитски комуникации, изјави за ЕРТ министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис.

Сателитот произведен од Lockheed Martin е со маса од 6.495 килограми, животен век од над 15 години, ги покрива географските области на Европа, Африка и Азија и ќе понуди телекомуникациски услуги, сателитски интернет, сателитското телевизиско емитување, сателитските податочни врски и слично.

Новиот сателит на Hellas Sat, што е прв од ваков вид во светот, паралелно ќе биде и хибриден сателит, а во орбитата ќе му се придружи на Hellas Sat 3 лансиран во 2017 година.

Лансирањето на сателитот во живо го пренесуваше грчката државна телевизија ЕРТ.