Груевски доби уште еден ден за „Тенк“


Апелацискиот суд во Скопје ја одложи за еден ден расправата по жалбата на првостепената пресуда за случајот „Тенк“, за кој поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на две години затвор, а помошникот министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години.
Причина за одложувањето на расправата беше неприсуството на Груевски, како и на неговите четворица адвокати. Екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ и тројца од неговите четворица адвокати го известија судот дека не можат да присуствуваат на главната расправа поради тоа што Груевски мораше да се појави во Кривичниот суд на рочиште за насилствата во Центар. Неговите адвокати, пак, се ангажирани или во тој или во други предмети што ги води Специјалното јавно обвинителство.
Во Апелација се појави денеска осудениот Поповски со неговиот адвокат Стерјо Зиков, како и специјалниот обвинител Гаврил Бубевски. Судијката Цветанка Периќ ја одложи расправата за утре. (Г.А.)