Годинава се чека разврска за рудникот „Иловица-Штука“


За рудникот „Иловица-Штука“ годинава и двете страни очекуваат разврска – инвеститорот „Еуромакс рисорсис“ чека конечни дозволи за продолжување на работите на терен, а противниците: граѓаните и еколошките активисти, чекаат Владата да пресече дека рудник нема да има. Пред крајот на изминатата година и двата табора ги засилија активностите. Инвеститорот организираше многубројни јавни дебати за да им објасни на жителите од Босилово, Ново Село и Струмица дека рудникот е безбеден. Еколошките активисти ги користеа социјалните мрежи за разобличување на активностите на „Еуромакс рисорсис“. Тие често потсетуваат на изјавата на премиерот Зоран Заев од есента 2017.

„Лично јас и Владата сме против рудниците и ќе направиме сè да го заштитиме здравјето и животот на нашите граѓани“, рече тогаш Заев, изречно констатирајќи дека во плодниот струмички крај не е дозволено загадување.

Но професорите Благој Голомеов од Факултетот за природни и технички студии на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Љупчо Петковски од Градежниот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, тврдат дека рудникот „Иловица-Штука“ нема да загадува. Рудата ќе се обработува со наједноставниот физички процес, флотација, нема да се користат цијанид и сулфурна киселина.

„Проектот за најголемата гринфилд-инвестиција во Македонија од осамостојувањето. И земјоделството и рударството се гранки од стратегиска важност за економскиот развој на Македонија и нема реална причина да не коегзистираат заедно доколку се базираат на наука и на принципи на одговорно рударство. Земјоделството ангажира околу 120.000 лица со просечна нето месечна заработка од 290 евра. Рударството вработува околу 6.500 луѓе со просечна нето месечна плата од 486 евра или 68 отсто повеќе од земјоделството. За директниот ефект по вработен во БДП, земјоделството придонесува со околу 6.600 евра годишно по земјоделец, а рударството околу 23.100 евра по човек. Во однос на индиректните економски ефекти, земјоделството создава 633 милиони евра дополнително, а рударството 609 милиони. Сепак, како коефициент, рударството има далеку повисок импакт врз економијата бидејќи секое 1 евро активност генерира вкупно 5 евра, во споредба со само 1,8 евра во земјоделството. Ако 10.000 луѓе имаат шанса да се префрлат од земјоделство во гранка со повисока додадена вредност како рударството, тогаш нивниот животен стандард, односно месечните примања ќе се зголемат за 68 отсто, би се зголемил и БДП за 166 милиони евра или за 1,7 проценти“, кажа на една од дебатите професорот Голомеов.

Инвеститорот тврди дека „Иловица-Штука“ ќе биде инвестиција од околу 340 милиони евра. Притоа, во наредните 20 години рудникот локално ќе придонесува со околу 74 милиони евра годишно, додека за даноци годишно ќе се двојат по 24 милиони евра. Од нив 3 милиони евра ќе се влеваат во локалните општини по основ на концесиски надомест.

Како гаранција за кажаното, „Еуромакс“ вели дека зад нив стои Европската банка за обнова и развој, сериозни компании и акционери. Ова не ги премислува противниците на изградба на рудникот.

„Ние ќе продолжиме со протести и блокади, а ако работите ескалираат, и населението ќе се крене против. Лажна е сликата дека населението го сака рудникот. Дали 2 отсто од жителите на овие општини е на нивна страна. Тие можат да купат, но не повеќе од 200 луѓе“, ни изјави Стојан Трн Велков, претседател на „Здрава котлина“, најактивна во организирањето на активности против рудникот.

За оваа невладина организација сè што зборува инвеститорот е голема измама. „Здрава котлина“ укажува дека „Еуромакс“ нема ниту еден активен рудник во светот.

„Ако им дозволиме 20 години активна експлоатација на рудникот, тогаш во Струмичката Котлина ќе паднат 10 милиони тони отровна прашина. Рудникот е поврзан со сечење 700 хектари дабова шума. Огромни количини вода потребни за работа на рудникот ќе се обезбедувале од акумулацијата ‘Турија’, преку цевковод до помалата акумулација над ‘Иловица’, а оттаму до рудникот, а акумулацијата е изградена да се користи како вода за пиење и за наводнување на земјоделските површини во струмичко, а не за потреби на каков било рудник бидејќи тоа стратегиски би ги загрозила граѓаните“, посочуваат од „Здрава котлина“ додавајќи дека ако проработи, рудникот ќе предизвика долгорочна криза со водоснабдување во целиот струмички регион. Не само што ќе биде загрозено наводнувањето на земјоделството туку и водоснабдувањето на домаќинствата. И онака веќе се појавуваат проблеми заради зголемени сушни периоди.

Последниот став на Владата е дека нема да ги игнорира барањата на граѓаните што се противат на изградбата на рудникот „Иловица-Штука“. Извршната власт тврди дека е во постојана комуникација со сите засегнати страни, вклучително и со инвеститорот и со граѓаните од регионот. Став на Владата е дека ништо нема да се одлучи за рудникот „Иловица“ без да се постигне заедничка согласност на сите засегнати страни ниту, пак, ќе направи нешто на штета на граѓаните. Анита Салтировска