Главниот град на Казахстан го промени своето име во чест на Нурсултан Назарбаев


Казахстанската полиција уапси неколку протестанти кои се противат на промената на името на главниот град на таа земја, откако Астана беше преименувана во Нурсултан, по поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев кој во вторникот си поднесе оставка по триесет години на чело на таа земја.

Најмалку десетина протестанти се приведени во главниот град и потоа биле пуштени, изјави активистот Аскат Ахмедиаров.

„Со полициско возило бевме одведени во полициска станица каде беа проверени нашите податоци. Сакаа да знаат дали имаме некаква врска со опозицијата“, прецизираше тој.

Казахстанските власти не ги коментираат овие приведувања.

За протести во Казахстан треба да се добие дозвола од локалните власти.

Парламентот на таа земја во средата одлучи да го преименува главниот град Астана во Нурсултан во чест на Назарбаев кој речиси три децении владееше со земјата, а во вторникот изненадувачки си поднесе оставка.

Градот со футуристички облакодери и милион жители, изграден е со големи трошоци на мочуришно подрачје и во 1997 година стана главен град наместо Алмати кој се наоѓа 1.000 километри јужно од Астана.

Во средата на онлајн петиција против промена на името се потпишаа околу 36.000 лица, а потоа страницата стана недостапна.

Иако ја напушта власта, Назарбаев би требало да задржи важна улога во политиката задржувајќи ги клучните позиции како претседател на партијата која е на власт и Советот за безбедност, со титулата „Татко на нацијата“.

Неговата ќерка Даринга е именувана за претседател на парламентот, а привремен претседател е Касим Јомар Токаев, до претседателските избори предвидени за 2020 година.

„Назарбаев ја ограби земјата и остави милиони луѓе во сиромаштија. Сега престолнината го носи неговото име, а во претседателството постави своја марионета. Потоа веројатно ќе ја постави својата ќерка на чело на државата“, изјави Ахмедиаров, пренесува АФП.