Галопира болест почеста од аутизамот


Дали ви се случило пред вас да стои некој кој очигледно ве познава, а вие немате поим кој е тој човек? Ако одговорот е потврден, можно е да патите од прозопагнозија, болест за која медицинските лица велат дека станува многу честа низ светот, а во Велика Британија е почеста и од аутизмот.
Од ова нарушување на перцепцијата на човековото лице страда секој 50. човек. Од друга страна е болест за која се знае малку или не се знае речиси ништо. Исто така, се нарекува и слепило на лицето – болниот гледа празнина наместо лице.

Ни себеси не се препознаваат

Луѓето што имаат прозопагнозија, покрај тоа што не препознаваат други лица, некогаш не можат да го познаат ни сопствениот одраз во огледало. Дури не ги познаваат ни лицата на родените деца.
Иронично е тоа што болеста е честа во светски рамки, а од друга страна е многу слабо истражена. Тоа што е сигурно е дека за неа засега нема лек, но како и за сите болести, се смета дека е добро ако се открие во порана фаза.
Прозопагнозијата може негативно да влијае врз социјалниот и емоционален развој на човекот. За делумно да се ублажат траумите, се развиваат посебни програми како заболениот да ги распознае луѓето по гласот или по фризурата, на пример.
Се смета дека е поголема веројатноста оваа дијагноза да ја имаат луѓе со некоја повреда на мозокот, но иста така, може да биде и болест од раѓање.
Причина за пречките да се види лицето на соговорникот е поинаква обработка на дразбите во мозокот. Кога здрав човек ќе види нечие лице, мозокот најпрво ја „обработува“ структурата на лицето. Потоа дразбата се праќа во одредено подрачје на мозокот во близина на слепоочниците. Едно подрачје ги обработува мимиките, друго движењата на очите, а трето ги обработува непроменливите карактеристики на лицето. А сосема друг дел „испитува“ постојат ли доживувања врзани за таа личност. Ако тоа не функционира заедно, „како да свири оркестар“, доаѓа до тешкотии.

Многу заболени се без точна дијагноза

Најмалку еден од 50 луѓе, или најмалку тројца од сто луѓе страдаат од прозопагнозија. Бројот на оние што ја имаат болеста, а ни сами не се свесни за тоа, е далеку поголем. Повеќето мислат дека имаат проблем со концентрацијата или дека слабо памтат имиња.
„Не ги познавам колегите од канцеларија по лице. Некои ги препознавам по гласот, по начинот на одење или по чевлите. Тоа не функционира така добро оти луѓето купуваат и нови чевли, но мене во одредени моменти ми помага да се снајдам кога нема да знам со кој разговарам. Некогаш, само ќе се насмевнам и тоа ми помага“, раскажува жена која ја има болеста.
Психолозите и невролозите користат различни тестови за да постават дијагноза. Меѓу нив е и тест за препознавање личности. Заболениот може да нацрта како некој изгледа (да го копира неговиот лик), но подоцна, ако го бара истиот човек, не може да го препознае. На таков начин, преку тестови, може да се постави првичната дијагноза за прозопагнозија.