Вучиќ: Протестите поради високите цени на горивата се политички мотивирани


Српскиот претседател Александар Вучиќ, по повод протестите ширум Србија поради високите цени на горивата, денеска изјави дека „секој може да протестира, но притоа да не го крши законот“, обвинувајќи ја притоа опозицијата дека стои зад  протестите.

– Ги молам луѓето да бидат трпеливи, во Србија не смее да има насилство и нималку не им се плашам, рече Вучиќ, додавајќи дека работа на Владата е да погледне „што, како и што може да се направи“.

Тој изјави и дека опозицијата говори за 1.000 луѓе кои протестираа, но во реалноста „два автомобила стоеја пред градски автобуски на Панчевачкиот мост, а потоа луѓето застануваа во колона“.

Вучиќ воедно запраша како никој не споменал дека Србија има најниска цена на лебот и дека во Србија електричната енергија е најевтина во Европа. – Цената на електричната енергија во Србија е 6,64 евроценти по киловат час, најевтина е после тоа во Македонија – 8,2 евроценти. Зошто не излезете на улица да кажете дека не сакате вака евтино да плаќате. Не е важен лебот, електричната енергија не е важна, важно е горивото и притоа предавања ни држат оние кои го продадоа НИС, рече Вучиќ.

Тој за медиумите изјави дека во наредниот период ќе има се поголем број притисоци врз Србија околу Косово.

– Ќе бидеме под голем притисок, а оние кои сакаат на различни начини Србија да ја скршат, ќе се обидат тоа да го направат одвнатре за да ја ослабнат нашата преговарачка позиција и да кажат – гледајте што се сме во состојба да ви направиме, рече Вучиќ.