Вучиќ: Оваа година не може да се очекува договор со Косово


Српскиот претседател, Александар Вучиќ  „не е многу оптимистичен” дека оваа година ќе се постигне договор со Приштина за нормализирање на односите. Вучиќ во изјава за австриската агенција АПА вели дека со сета сила ќе се бори за компромисно решение, но предуслов за продолжување на дијалогот е укинување на таксите кои властите во Приштина ги воведоа за српските производи.

Запрашан за предвремените избори во Србија поради протестите во земјата, Вучиќ рече дека “се уште нема дискусија за тоа”.

„Најважното прашање за нас е како ќе го решиме проблемот со Косово. Кога ќе продолжи дијалогот со Приштина, тогаш ќе можеме да се концентрираме на српската економија, која во моментов се развива добро. Дали ќе се гласа за половина година или за една година е помалку важно“, објасни Вучиќ, додавајќи дека тогаш ќе одлучи за изборите.

Вучиќ, кој се наоѓа на Минхенската безбедоносна конференција, синоќа телефонски разговараше со еврокомесарката Федерика Могерини. Како што соопштија од неговиот кабинет, тој во разговорот го повторил ставот на Белград дека дијалогот може да продолжи само ако Косово ги укине таксите за Србија. Тој посочил европската дека платформата за продолжување на дијалогот, која деновиве беше усвоена во Приштина, всушност е платформа против дијалогот и дека би било поискрено да се каже дека тие не се за дијалог воопшто, бидејќи она што го имаат напишано, не остава простор за компромис.

Вчера, американскиот претседател Доналд Трамп во честитката до Вучиќ по повод Денот на државноста на Србија, меѓу останатато порача дека „…на страните е да постигнат договор кој и двете можат да го поддржат и дека взаемното признавање треба да биде централен елемент на трајната нормализација на односите. Таков историски договор, со взаемно признавање во суштина, ќе изгради пат за евроинтеграцијата на Србија и економски раст…“,се наведува во писмото на Трамп.