Во Приштина не е киднапирана новинарка од Албанија, туку друго лице, објави полицијата


Косовската полиција попладнево ги демантира наводите дека во Приштина е киднапирана новинарка на Албанската радио-телевизија. Според нив, првичните информации, објавени во медиумите, биле резултат на забуна од страна на самата полиција.

Портпаролката на Косовската полиција за приштинскиот регион, Фљора Ахмети, во изјава за медиумите рече дека погрешната информација се појавила поради тоа што автомобилот на новинарката бил во близина на автомобилот на друга девојка, за која постојат сомнежи дека е киднапирана.

– Не е точна информацијата (за киднапирање на албанската новинарка). Се случило киднапирање на девојка ама тоа се поврза единствено поради тоа што имаше нејзино возило во близина и се посомневавме дека можеби е таа, но се испостави дека нема никаква врска со споменатата новинарка, изјави Ахмети за лајми.нет.

Како што претходно објави МИА, во интерен полициски извештај се информира дека тројца очевидци пријавиле во полиција дека денеска три лица насилно извлекле од нејзината кола женско лице и со нивната кола се оддалечиле во непознат правец. Првичните сомнежи на полицијата беа дека киднапираното лице е новинарка на албанскиот јавен сервис.