Во Прилеп се одржа традиционалниот Божикен ручек за 500 деца
Со божикни и новогодишни песни, со радост и насмевки, денеска, на големиот прзник Бижик, во Прилеп се дружеа околу 500 деца од речиси сите градови во земјава.
Желбите за радост, среќа, и за година на безгрижни детски денови си ги посакаа децата без родители, децата на загинатите бранители, децата со посебни потреби, заедно со децата од другите верски заедници – од исламската, од католичката од евангелско-методистичката верска заедница. По 12-ти пат невладината организација „Детска амбасада за сите деца во светот“ го организираше овој Божиќен ручек кој е веќе традиција.
– Нашето мото е „Едно небо за сите деца“. Така е и овој Божик. Да ги споделиме детската радост и насмевките, и барем еден ден децата да заборават на проблемите и животни препреки. Тука со нас се децата од Битола, Крушево, од Демир Капија, од Струмица, Скопје, од Прилеп. Тука се децата од повеќе целни групи од другите верски заедници. Им ги честитам биожикните празници и им посакувам мир, среќа и благосостојба, рече Александра Северкоска Стојаноски извршен директор на Детската амбасада.
Владиката Петар го благослови ручекот и испрати порака.
– На најголемиот христијански празник – Рождеството Хрристово – Божик, да бидеме како децата – без лоша мисла, со добри намери и цели, искрени и отворени, рече владиката Петар.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски на децата им подели новогодишни пакетчиња и напомна дека Прилеп ја почнува годината за децата и им се посветува целосно.
– Годинава, општината ќе отвори Дневен центар за децата заболени од церебрална парализа. Локалната самоуправа нема да ја заборави грижата за најмладите и таа останува приоритет целата оваа година. Им ги честитам празниците на децата и им посакувам спокојно детство, рече Јованоски.
Децата радосни што се дружат и со насмевка ги споделија желбите, посакувајќи си многу радост и петки на училиште.
Невладината Детска амбасада за сите деца во светот, по деветти пат, го додели признанието „Орден – носител на мирот“, а годинава е за „УНИЦЕФ Македонија“ како признание за општествена одговорност. Беа доделени плакети и благодарници на сите кои помогнаа манифестацијата да се одржува.
За збогатувањето на свеченоста се погрижија членовите на Академијата за естрадно пеење „Ѕвездички“ од Прилеп и Христијан Тодороски.