Во Албанија паѓаат обвинители, кај нас се кочат судските процеси


Исти реформи, различни резултати, судиите, јавните обвинители и вработените во полицијата мораат јавно да докажат од каде им е богатството што го пријавуваат.

Бавната трансформација на судството во Македонија и оставањето простор и натаму да има обвинувања за селективна и политички инспирирана правда, ја прави актуелна судската реформа во Албанија и дилемата дали таа на крајот ќе се покаже поефективна од нашата. Таканаречениот „ветинг“, што за многумина е радикална мерка, веќе дава резултати, односно две јавни обвинителки што не успеале да го докажат со документи потеклото на своето богатство веќе добиле отказ и ја изгубиле позицијата. „Ветинг“ реформата е резултат на притисоците од САД и од Европската Унија кои бараа од Тирана да покаже резултати во борбата со корупцијата ако сака да добие датум за преговори. Иако ЕК излезе со позитивна оценка во својот извештај за напредокот на Албанија, сепак, нотираше дека таа колку што е блиску, толку е и далеку од добивање датум за почнување на пристапните преговори со ЕУ.

Американскиот амбасадор во Тирана, Доналд Лу, неколкупати пред јавноста го кажа ставот на американската администрација дека ако Албанија сака да се надева дека наскоро ќе стане членка на големото европско семејство, не треба да ги штеди „големите риби“, и дека тие треба да одговараат пред лицето на правдата бидејќи само на тој начин на терен ќе се покаже дека реформите имаат реален ефект.

Таканаречениот „ветинг“, или реформите во правосудството, опфаќа повеќе од 90 судии и јавни обвинители кои треба пред Независната комисија за проценка во Тирана да поднесат документи во кои јавно ќе изнесат информациите кој судија или обвинител колку богатство поседува и на кој начин стигнал до него, за со следење на трагата на парите да се откријат трагите на корупција во судството. Сепак, правните и политички експерти во Албанија имаат различни ставови за тоа што фактички ќе се постигне или изгуби во Албанија со „домашната задача“ од ЕУ, односно со ваквиот начин на правење реформа на судството.

За некои аналитичари овие реформи се почеток на уривањето на „пирамидата на неправдата“, додека за други тие се подла игра на парламентарното мнозинство. Слично како при гласањето за формирање на специјалното јавно обвинителство за време на средбите во Пржино, кое го договорија и за него се согласија најголемите политички партии во Македонија, и во Албанија најголемите партии постигнаа консензус и дадоа зелено светло за овие реформи. Сепак, тамошната опозиција предводена од поранешниот градоначалник на Тирана, Лулзим Баша, е незадоволна за начинот на кој премиерот Еди Рама ги спроведува овие реформи и остро, дури и преку протести, му се спротивставува на премиерот. Тој, и покрај протестите на опозицијата, не попушта изјавувајќи дека посакува Албанија да ја види во Европската Унија и оваа пречка ќе биде успешно елиминирана.

Дел од адвокатите во Албанија проценуваат дека овие реформи ќе помогнат да се откорнат длабоките корења на корупцијата што владее во Албанија. Адвокатот Спартак Нѓела изјави дека во интерес на Берлин и на Вашингтон е борбата против корупцијата во Албанија и затоа токму Германија и САД се најголемите поддржувачи оваа реформа темелно и до крај да се спроведе.

„Ако не се отворат пристапните преговори со ЕУ, не може ниту да се зборува дека овие реформи ќе се движат напред. А, ако оваа реформа не се движи напред, тогаш нема да можеме да го откорнеме криминалот и корупцијата на двојката Бериша и Рама. И, ако ова не се случи, Албанија практично оди против интересите на Вашингтон и Берлин“, рече Нѓела.

Освен ветинг во правосудството, во Албанија во тек се реформи и во полицијата. Сите оние што се вработени ќе треба исто како и судиите и јавните обвинители да подготват извештаи до Независната комисија за проценка за целокупното богатство што го поседуваат и детално да објаснат како се збогатиле. Околу 300 високи офицери во албанската полиција ќе бидат првите што ќе дадат отчет, а до крајот на оваа година законот ќе ги опфати сите вработени лица во полицијата.

Ако се најдат недостатоци или неправилности во документите, како и факти што не го оправдуваат богатството, тој судија, јавен обвинител или полицаец ќе биде отпуштен од работа и соодветно казнет според законите во Албанија.

Блерим Исмаили