Вонредната седница на косовското Собрание не продолжи вечерва


Вонредната седница на Собранието на Косово, на која треба да се гласа за составот на владиниот тим за преговори со Србија предложен од премиерот Рамуш Харадинај, вечерва нема да се одржи, а продолжението е закажано за утре попладне.

По неколкуте прекини и одлагања, собранискиот претседател Кадри Весели се појави пред новинарите за да соопшти дека седницата, на барање на предлагачот премиерот Харадинај, се одлага за утре во 14 часот.

Весели ја обвини опозицијата дека, со одлуката да ја бојкотира седницата, нанесува штета на косовските позиции во преговорите со Србија, чија финална фаза треба да започне во Брисел в петок, на 7. септември.

И покрај тоа, рече Весели, владејачката коалиција имаше можност да го изгласа составот на преговарачкиот тим, затоа што, наводно, во собраниската сала имало доволен број пратеници, 63, но се одлучило се да се одложи за утре на барање на предлагачот Харадинај. Претходно, продолженија на седницата беа закажани за вечерва во 16:30 и подоцна за во 18:30, но ниту еднаш владејачкото мнозинство не успеа да ги обезбеди потребните гласови за изгласување на предлогот на Харадинај.

Косовската опозиција се противи на тоа претседателот Хашим Тачи да ги предводи преговорите со Србија, заради неговите залагања за корекција на границите, односно на размена на територии меѓу двете земји.

Вонредната седница и обидот на Харадинај да формира владин преговарачки тим за преговорите со Белград, според опозицијата, претставува минирање на нејзината иницијатива за донесување собраниска резолуција со која на Тачи и на било кој друг во Косово ќе му се забрани да тргува со територијалниот интегритет на Косово.

Пред да се закаже седницата на барање на Харадинај, Собранието веќе имаше закажано седница на барање на опозицијата за расправа за преговорите со Србија, односно за усвојување на резолуција за непроменливост на границите на Косово.