Волфер: Се чувствува позитивната клима во Македонија


Австрија силно ја поддржува Македонија на евроинтеграцискиот пат, како и другите земји во регионот, во интерес на просперитет и стабилност на целиот регион, порачаа денеска австриските дипломати на средбата со премиерот Зоран Заев.

Раководителот на Секторот за Западен Балкан во Австриското министерство за Европа Клаус Волфер, кој ја предводеше делегацијата, оцени дека се чувствува позитивната клима во земјава.

Како што соопшти владината прес-служба, Волфер му честиташе на премиерот Заев за реформските промени во однос на предизвиците со кои се соочуваше Македонија само пред неполна година.

Премиерот Заев рече дека за Македонија е од големо значење и силна охрабрувачка порака поддршката што ја добива државата од земјите пријатели од ЕУ, како што е Австрија.

– Ги правиме сите потребни реформи, во правосудството, јавната администрација, тајните служби, медиумите, вклучувајќи ги сите засегнати страни и опозицијата. Градиме пријателства во соседството. По договорот со Република Бугарија, пристапивме и во процес на градење доверба и поактивен дијалог со Република Грција. Нашите очекувања се овие напори да бидат вреднувани и нашата држава на пролет да добие чиста препорака од ЕУ, а за време на австриското претседателство и датум за почеток на преговорите со ЕУ, рече Заев.

Тој додаде дека за Македонија, ЕУ и НАТО значат економија, повисоки плати, нови работни места за граѓаните, а доказ за тоа се придвижувањата на инвестициски план, што веќе резултираат со конкретни договори за инвестирање во Македонија.

На средбата е изразена согласност дека Македонија, а и земјите од Западен Балкан треба да го искористат позитивниот момент, да работат на реформите и да ги решат билатералните прашања за да станат дел од ЕУ.