Возилата во оган, сторителите во сенка


Веќе трет ден трае истрагата за пожарот во скопската населба Карпош во кој настрада автомобилот „тојота корола“, сопственост на сопругата на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Миле Зечевиќ. Досегашните сознанија на Министерството за внатрешни работи се дека огнот бил подметнат, но не се знае кој и зошто го вознемирува семејството на членот на Централниот одбор на владејачкиот СДСМ. Зечевиќ вели дека постојано го врти филмот во глава и не може да сфати дека некој би имал причина да се пресметува со него или со неговите блиски.

Го осудувам насилството, тоа не е решение за решавање на какви било ситуации. Верувам дека МВР ќе ги разоткрие сторителите, а потоа и мотивите. Не можам да го поврзам инцидентот со каков било политички чин или случувања, но истрагата нека го каже последниот збор“, изјави Зечевиќ за „Независен весник“.

Опожарениот автомобил на неговата сопруга е последниот во низата што се случуваат во изминатите месеци во главниот град на државата. Горат возила на функционери на полицијата, на сопственици на атрактивни земјишта, на познати бизнисмени… Министерството за внатрешни работи, како и за другите главни работи, молчи и нема или не дава никакви сознанија за пироманските инциденти. Неофицијално, само во месец ноември се пријавени петнаесетина случаи во кои страдаат приватни автомобили.

Јавноста се сомнева дека станува збор за удар на мафијата, а во одредени случаи и за пресметки меѓу криминалните структури, имајќи ги предвид апсењата на влијателни и моќни личности од општествениот живот, отворената војна со бизнис секторот и пресметките со политичките противници.

Очигледно е дека се испраќаат пораки, не може сето ова да е случајно“, смета поранешниот разузнавач Владимир Пивоваров.

Тој не сака да избрзува со заклучоци додека полицијата и обвинителството не си ја завршат својата задача и не ја откријат заднината на случувањата, но предупредува оти подземјето задава сè посилен удар.

Целта е таргетирана и свесно одбрана. Неслучајно зборуваме за ситуации во кои горат возилата на УБК, на високи (поранешни) припадници на МВР, поранешниот директор…

Да почекаме МВР да ги најде причините, мотивот и нарачателот. Во меѓувреме, можеме да шпекулираме и да се прашуваме дали со последните подметнати пожари намерно не се доведува во прашање капацитетот на МВР да ги заврши истрагите, дали се создава притисок врз него и министерот Оливер Спасовски, дали станува збор за одмазда на криминалната банда која до неодамна ја контролираше државата, дали на овој начин се амортизираат акциите што полицијата, обвинителството, СЈО и судот почнаа да ги преземаат…?“ отвора дилеми Пивоваров.

Според него, ваквите случувања никому не му одат во прилог, особено во период кога Македонија е под скрининг на Европската Унија и никако не смееме да дозволиме во Брисел да констатираат оти „не сме способни и не нè бидува“.

Најеклатантниот проблем се случи во неделата наутро околу 8 часот кога на паркингот на МТВ беа демолирани шест возила на УБК и едно на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Хулиганите не се откриени.

Горан Адамовски