По трагедијата во Романовце: Возачот ја поминувал пругата на црвено?


Кандидатот за градоначалник од ДУИ, Исуф Бислими, во последен момент излегол од „голфот“ и се спасил од смрт. Но неговиот брат, мајка му и снаата не се спасија, товарниот воз кој сообраќал на релација Табановце – Гевгелија го парчоса „голфот“ додека ја поминувале железничката пруга кај кумановското село Романовце.

Бислими на својот фејсбук-профил напиша „Од Господ сме дадени и сите кај него ќе одиме“. Врз телата на починатите не беше извршена обдукција, а беа погребани вчера попладне во 16.30 часот.

На самото место загинаа три члена на семејството Бислими од Арачиново. Градоначалничката на Општината, Маликие Халими, соопшти дека општината вчера не работела поради трагедијата.

Во извештајот што Железничката станица Куманово го доставил до Регионалниот центар за управување со кризи стои дека причина за несреќата била непочитување на железничката сигнализација која била поставена на преминот.

Несреќата се случи во неделата во 11.45 часот кога семејството се враќало од погреб и ја преминувало железничката пруга. Трите жртви загинале на самото место, додека Исуф поминал без никакви повреди. Лекарите што дошле на местото на несреќата само констатирале смрт.

Железничкиот сообраќај на тој дел од пругата беше во прекин до попладнето, до завршувањето на увидот од страна на јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Куманово. Возот кој удрил во нив носел контејнери со разна стока од Австрија, Србија и Македонија кон Грција.

Со автомобилот управувал Наим Бислими, кој работел како учител во Арачиново. Локалните жители на Романовце велат дека на местото каде што се случила несреќата имало поставено камери, но не и рампа за да се спречат ваквите несреќи.

„И јас го изгубив брат ми на ваков начин. Дошле да изразат сочувство на нивни блиски и возот ги удрил на враќање. Поставиле камери за да видат како возот убива луѓе. Ние побаравме рампи, а не камери“, изјави жител на село Романовце.

Аналитичарот Кенан Алиу вели дека одговорни за ваквите несреќи се „Македонски железници“ бидејќи илјадници евра се дадени за модернизација на сигнализацијата, а таа сепак е на ниво како во Бангладеш.

Директорот на „Македонски железници“, Ирфан Асани, вели дека во овој случај не се почитувала сигнализацијата и дека возилото поминало на црвено светло. Од „Македонски железници“ велат дека на овој премин имало и звучна сигнализација и семафори. Рампа немало, но велат дека тоа се пропишани процедури за овој премин.

„Во овој случај верувам дека обвинителството е тоа што најдобро ќе ги презентира фактите. Човекот има поминато на црвено светло и имало и звучна сигнализација. Човекот кој го возеше автомобилот во моментот запира на средината на патот“, вели директорот Асани.

„Македонските железници“ неколку пати информираа дека заради честите кражби на витални делови од системот за осигурување на патните премини се нарушува безбедноста во железничкиот сообраќај. Оттаму имаа и кампања за подигнување на свеста на луѓето што користат премини.

Кампањата беше фокусирана на два дела. Најпрвин луѓето се информираа дека се работи за систем каде што шинските возила имаат предност на поминување пред останатите, а вториот да бидат внимателни особено во моменти кога сигурносно-сигналните системи функционираат и кажуваат за доаѓање на воз. Директорот Асани вели дека најголема загриженост предизвикуваат дивите премини, а такви има околу 200. (Ф.Ф.С.)