ВМРО-ДПМНЕ ќе се пребројува во јуни, не во мај


Неделава е пребрзо, идната ќе има продолжен викенд од четири дена, па најавениот мајски протест ќе мора да биде префрлен во јуни. Недела попладне, трети јуни, пред седиштето на Владата би било најоптимално.

Ова се последните размислувања во ВМРО-ДПМНЕ пред носењето конечна одлука: кога ќе ги повикаат на улица членството, симпатизерите, но и сите неутрални граѓани незадоволни од политиките на владата на Зоран Заев. Во партијата сѐ уште траат консултациите, се договара тајмингот, агендата, мотото, како и следните чекори што ќе се влечат по завршувањето на протестот. Се чека и епилогот од преговорите за името, се калкулира дека е можно веќе да е договорено решение, а се прават обиди за подготовка на јавноста и на граѓаните.

Претседателот Христијан Мицкоски изминатите денови беше во посета на Хрватска, Словенија и на Италија. Се сретна со поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, во Љубљана беше гостин на конвенцијата на словенечката Демократска партија на Јанез Јанша, беше меѓу македонската дијаспора во трите земји. Во неделата одлучи да ја прекине посетата во Италија, закажана до вторник за да се информира за текот на преговорите со нашиот јужен сосед.

Барањето од ВМРО-ДПМНЕ беше за лидерска средба на која ќе учествуваат лидерите на поголемите политички партии, вклучително и претседателот на државата. Инсистираме на таков вид транспарентност. Зоран Заев нема монопол за одлучување околу прашање што еднакво ги засега и политички определените, но и оние што не се тоа. Заев нема монопол за одлука околу прашање што ги засега сите граѓани. Дополнително, претседателот Мицкоски досега не е контактиран од Владата за каков било термин за евентуална лидерска средба, со оглед на тоа дека усогласувањето на термин за лидерска било проблем. За да нема подоцнежна алиби игра од власта, кажуваме дека секој термин за лидерска средба е прифатлив, освен среда, кога претседателот Христијан Мицкоски е на Самитот на европските народни партии во Софија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“. Кога е во прашање најавениот протест, во најголемата опозициска партија велат оти навреме ќе информирале за терминот и за местото.

Според нашите информации, внатрепартиските анализи покажале оти најдобро ќе биде митингот да се одржи во викенд, по можност во недела, за да може да се организираат и граѓаните од внатрешноста на земјата. Имајќи предвид дека наредните четврток и петок се неработни, за тој викенд не е паметно и логично да се очекува масовност, па така останува наредниот, кој календарски влегува во јуни.

Очекуваме тоа да биде најмасовниот митинг во историјата на Македонија, очекуваме народот да ни се придружи затоа што оваа влада не заслужува ништо друго освен црвен картон. Само тие знаат што прават со името, набргу и тоа ќе го дознаеме, ама затоа изминатите 11-12 месеци многу добро видовме што прават со економијата, јавната администрација, претпријатијата, градежништвото, пензиите, платите, задолжувањата, политичкиот реваншизам, судството, реформите, контроверзни договори со соседите, неуставниот закон за јазици… Очекуваме народот да тргне со нас во битка за враќање на достоинството и пред сѐ за враќање на Македонија“, коментираат во ВМРО-ДПМНЕ.

По митингот, се најавува засилено присуство на терен. Но нема ништо од првично најавената стратегија за „поведување на народот на улица во мај и организирање протести што ќе траат сѐ додека на предвремени парламентарни избори не ја урнеме оваа ненародна власт“. Опозицијата смета дека преку одржување еден и единствен грандиозен протест со присуство на десетици илјади граѓани ќе се испрати посилна порака до станарите на „Илинденска“ и до целокупната јавност отколку со секојдневни излегувања на улица, кои набргу би издишале.

 

Заев: Името нема да се реши на 17 мај

Премиерот Зоран Заев стои на располагање за лидерска средба во врска со преговорите за името, но ќе почека сите потенцијални учесници да се вратат во земјата, алудирајќи на претседателот Ѓорѓе Иванов кој е во Турција, а министерот за надворешни работи Никола Попоски во Хаг.

Подготвен сум да одржам состанок со шефот на опозицијата, доколку тој заклучи дека треба да го има. Тие побараа лидерска средба, а јас им стојам на располагање, да ги информирам пред да одиме на средбата во Софија, а, секако, подготвен сум и потоа да ја свикам лидерската средба, кога на неа би биле присутни сите“, нагласи Заев.

Тој вели дека средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас, која е закажана за в четврток, не е од оние закажаните што ги чекале. Средбата е на маргините на Самитот на ЕУ, каде што ќе бидат присутни сите премиери на ЕУ, како и премиери на кандидатите за членство во ЕУ од Западен Балкан.

Јас сѐ уште немам точен термин кога би била средбата, но знам дека грчката страна потврди дека на маргините ќе најдеме време да се видиме. Целта е да направиме еден рекапитулар на тоа што досега е разговарано, да го потврдиме и да знаеме дека сме го завршиле, а истовремено да им дадеме насоки на министрите“, додаде Заев.

Тој нагласи дека времето е кратко и дека се појавуваат информации дека сѐ ќе се реши на 17 мај, но не е така бидејќи делот што е останат за разговори е суштински.

Верувам дека пред сѐ треба да бидеме креативни и посветени и јас би сакал некаде пред Самитот во јуни, да се носат одлуките за добивање датум за преговори или не. Дотогаш да имаме некое решение, па дури треба да знаеме дека и да има приближување на она што е останато, во Грција и Македонија мора да направиме внатрешен процес на консултации. За, како што реков, процесот, ако е тоа можно, да биде поддржан од сите“, додаде премиерот.

Горан Адамовски